Избори во СДСМ

Објавил: Калина Мартинска | 31 мај, 2024 12:01

По Таче, пак Филипче и Заев? Засега четворица во трка за чело на Бихакќа

Фото/Текст извор: ©plusinfo.mk

По синоќешната седница на Централниот одбор на СДСМ, од која до овој момент сѐ уште нема официјално соопштение, почнува трката за лидерската позиција во партијата којашто доживеа катастрофален пораз на изборите на 8 мај.

На седницата на ЦО на СДСМ, на која се водела долга дискусија за која не се соопштуваат детали, е потврдено дека изборот на новиот партиски лидер ќе се одржи на 30 јуни.

Во медиумите веќе подолго време се вртат имињата на четири можни кандидати за лидерската позиција во партијата: Венко Филипче, Јован Деспотовски, Славјанка Петровска и Стефан Богоев. Некој погласно, а некој со половина уста, сите тие се изјаснија дека ќе се кандидираат за претседател на СДСМ.

Во партиски кругови се спомнува и името на Игор Ивановски, долгогодишен член на партискиот врв, човек кој во 2013 година влезе во трката за лидер на СДСМ, но се откажа непосредно пред конгресот, кога стана јасно дека поддршка ќе добие Зоран Заев. Ивановски е единствениот кој досега јавно не се изјаснил, но во кулоарите се зборува дека тој има големи резерви кон идејата да се кандидира.

Како што сега стојат работите, најактивно во лобирањето и во обезбедувањето поддршка е крилото на поранешниот лидер Зоран Заев. Се тврди дека ова крило форсира изборите да се одржат што побрзо. Затоа се проценува дека Венко Филипче сепак има најголеми шанси во трката за нов лидер на СДСМ.

Како што дознава Плусинфо, пред извесно време била одржана средба на поранешните партиски лидери Зоран Заев, Радмила Шеќеринска, Владо Бучковски и Димитар Ковачевски, на која наводно се договарале како да се „спаси“ партијата. Индикативно е дека на средбата не бил поканет Бранко Црвенковски, но затоа меѓу дел од членството е лиферувана лажната вест дека тој наводно му рекол на Заев да „тераат работа“.

За шансите на кандидатите можеби е клучно кој од поранешните лидери кого поддржува. Така, освен што е познато дека Заев стои зад Филипче, се шпекулира дека е направен обид поранешниот министер за здравство да се „спари“ со Славјанка Петровска, па тие во трката да влезат како двоец. Но, од друга страна, има шпекулација дека влијателен странски дипломат во Скопје ја предупредил Петровска да не се врзува за тоа друштво, бидејќи наскоро некој од околината на Заев би можел да се најде и на црната листа на САД.

За Деспотовски долго време се тврдеше дека е „човек на Шеќеринска“, за подоцна да се пласираат шпекулации дека се поврзал со крилото на Заев. Плусинфо дознава дека истиот центар кој води подземна кампања за слабеење на позициите на Петровска, истовремено се обидува да го компромитира и Деспотовски.

Така, истиот центар ја шири и шпекулацијата дека Деспотовски и Стефан Богоев се неподобни за кандидати за претседател, затоа што наводно се „ранливи“, бидејќи наскоро би можеле да се соочат со кривични пријави, откако ќе биде избрана новата власт. Има и добри познавачи на приликите кои велат дека тоа и не е далеку од вистината.

Надвор од овој круг на потенцијални кандидати, најмалку шпекулации има за молчаливиот Игор Ивановски, кој во последниот период беше на чело на партискиот Совет за креирање и за имплементирање политики. Ивановски на таа позиција беше молчалив, веројатно бидејќи беше јасно дека политиките се креираа на друго место, во владата на ДУИ и на СДСМ, при што Бихаќка беше целосно во втор план.

За Ивановски никогаш немало наводи и шпекулации дека е корумпиран и дека е близок до сега актуелните фракции во СДСМ, но тој засега молчи, што се толкува и како негова голема резерва кон идејата тој да се кандидира за лидер на СДСМ.

До 30 јуни има време многу нешта да се променат, да се појават нови кандидати и да се формираат нови „коалиции“ меѓу завојуваните крила во СДСМ. Познавачите велат дека треба да се има предвид и фактот дека партијата е на своето историско дно, од кое ќе се крева бавно.

Има луѓе во партијата кои мислат дека поранешните лидери, со кои СДСМ доживуваше главно изборни порази, не треба да имаат влијание врз изборот на новиот претседател на СДСМ. Пред локалните избори во 2025 година, кои можат да бидат силен мотив новото раководство да се потруди да го рехабилитира СДСМ, на партијата ѝ е потребно целосно рестартирање, велат познавачите.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.