Во скопски Центар

Објавил: Калина Мартинска | 25 декември, 2024 17:41

По 50 години почна реконструкцијата на салата Градски парк

Фото/Текст извор: ©magazin.mk

По повеќе од 50 години започна целосната реконструкција на салата „Градски парк“ – некогашниот симбол и гордост на центарци и на сите навивачи на КК Работнички.

Салата „Градски парк“ повеќе од 10 години пропаѓаше оставена на забот на времето, што резултираше и со принудно иселување на Работнички поради немањето на основни услови во истата. Клубот е приморан како домаќин да игра во салата „Кале“.

Конечно работите почнаа да се движат кон позитивно, па денешната информација од Општина Центар ги израдува сите навивачи на Работнички.

„Оваа сала со децении беше запуштена и во катастрофална состојба, сега повторно ќе заживее!
Градежните активности се во полн ек, веќе се поставува нова фасада и нов покрив, по што следува клучниот дел – целосна  реконструкција на теренот и гледалиштето според ФИБА стандарди. Салата ќе биде модернизирана и целосно прилагодена за тренинзи и врвни спортски настани“, објави градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.

„КК Работнички заслужува вистински дом, а со оваа реконструкција Општина Центар тоа ќе го обезбеди за својот најтрофеен клуб, отворајќи нови можности за успеси и давајќи поттик за понатамошен развој и подем на македонскиот спорт“, дополни градоначалникот.

Работнички сезонава и покрај засилувањата не бележи добри игри и по 11 кола веќе запиша 4 порази, па моментално е на 7. место со 18 бодови и скор 7-4. Лидер е ТФТ со скор 9-2, пред МЗТ и Пелистер со 8-3.

Многу полош е во регионалната АБА2 лига каде не само што не успеа да се пласира во наредната фаза, туку сезоната ја заврши без победа, со 6 порази, и е екипа со убедливо најлош скор во оваа конкуренција.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.