На 9 ноември 2020 година Клиничката болница „Аџибадем Систина“ во соработка со Факултетот за медицински науки при УГД Штип започна проект „Академска пракса Аџибадем Систина“ со кој студентите од факултетот имаа можност за следење на практична настава во болницата. Денес, на 11 јуни завршува првата година од успешно реализираната соработка.
„Проектот се реализираше и подобро од што очекувавме и некои од дипломираните студенти веќе станаа наши колеги – доктори, праксата ја спроведовме токму во година на корона пандемија кога студентите немаа можност преку практична настава да ги комплетираат студиите и затоа Клиничката болница „Аџибадем Систина“ им излезе во пресрет и покажавме со пример што значи едно јавно приватно партнерство без бенефит за никој друг освен за студентите. Болницата во соработка со УГД Штип со оваа пракса ќе продолжи и следната година и се надевам дека ќе прерасне во традиција.
Студентите беа пречекани и едуцирани од врвни професионалци и можеа практично да следат интервенции и да се уверат дека можности и услови како во најсовремените европски болници постојат и кај нас. Огромна благодарност до ректорот на УГД Штип, проф. Блажо Боев и до претседателот на бордот на директори на „Аџибадем Систина“, г-динот Јордан Камчев“, посочи д-р Андреј Петров, специјалист по дерматовенерологија и професор на Факултетот за медицински науки при УГД Штип.
Деканот на факултет за медицински науки проф. д-р Милка Здравковска потенцираше дека обуката со која се стекнале студентите во „Аџибадем Систина“ е огромно значење за нивниот понатамошен професионален ангажман.
„Огромна благодарност до менаџментот на „Аџибадем Систина“ и на целиот персонал на болницата за успешно спроведување на практичната настава и прифаќањето на студентите од VI-та година за пракса која е во согласност со студиската програма за општа медицина 11 и 12 семестар нема предавања и акцентот е ставен на практичната обука на студентите која претставува врв на нивното школување и со тоа ги завршуваат студиите по општа медицина“, истакна проф. д-р Здравковска.
Над 100 студенти од шеста година на Факултетот за медицински науки имаа можност во изминатите месеци да ротираат низ одделите интерна медицина, хирургија, педијатрија и гинекологија и акушерство, дерматовенерологија, онкологија, радиотерапија, оториноларингологија и дијагностичка и интервентна радиологија.
Менаџментот на болницата е особено горд на успешно реализираниот проект кој е пионерски во државата, но и во регионот. Како најголема и најсовремена приватна клиничка болница докажавме дека покрај континуираното вложување во најнапредна медицинска технологија од огромно значење за нас е и вложувањето во кадарот, особено младите кадри на кои им е неопходна практична поткрепа на нивното теоретско знаење.
»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.
You must be logged in to post a comment.