Новата претседателка

Објавил: Калина Мартинска | 18 мај, 2024 12:58

Првите кадровски решенија на Сиљановска: кои се новите лица на челни функции

Фото/Текст извор: ©skopje1.mk

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова ги има првите кадровски решенија за во Вила Водно.

Досегашните генерални секретари Миле Бошњаковски и неговите заменици Билјана Радева и Тоше Зафиров се разрешени од функциите. Од Кабинетот на претседателката Сиљановска велат дека нов генерален секретар е Ѓорги Божинов, а заменик Горан Момироски. Божинов, според неговата биографија е правник кој работел на повеќе позиции во Министерството за земјоделие пред да отиде во Вила Водно.

„Генералниот секретар Ѓорги Божинов е дипломиран правник со речиси тридецениско работно искуство во областа на правото во земјоделскиот сектор, законодавната и институционалната рамка, процесите на јавни набавки, корпоративно советување, програмите за финансиска поддршка, државна помош, како и примена и хармонизација на легислативата на Европската Унија во овие области. Претходно, Божинов својата кариера во областа на правото ја остварува на раководни административни позиции во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство“, велат од Кабинетот.

Момироски, е познат за јавноста. Тој долги години е дел од медиумскиот свет.

„Заменик генералниот секретар Горан Момироски е дипломиран новинар со долгогодишно работно искуство во повеќе медиуми во земјава, меѓу кои МТВ, А1 ТВ, ТВ Канал 5, МИА, Телевизија Алфа, а соработувал со голем број меѓународни организации и медиуми во регионот. Во текот на бегалската криза во 1999 година и на воениот конфликт во 2001 година Момироски бил шеф на одделот за комуникација при Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите Нации, а работел и како регионален координатор за комуникации на Меѓународниот комитет на Црвениот крст“, додаваат од Кабинетот на Сиљановска.

За другите кадровски решенија како што се шеф на протокол, аѓутант, нови лица во Секторот за односи со јавност, велат дополнително ќе биде известена јавноста.

„Во однос на други кадровски решенија, јавноста ќе биде навремено известена“, додаваат од кај Сиљановска.

Кабинетот на претседателот е стручна служба којашто работи за поддршка и за реализација на активностите и приоритетите предвидени во мандатот на претседателот добиен од граѓаните на општи и непосредни избори.

Организацијата на Кабинетот се врши со одлука на претседателот, а Кабинетот го води генерален секретар, којшто го назначува претседателот и е одговорен за целокупното работење на Кабинетот.

Кабинетот на претседателот го сочинуваат и замениците-генерални секретари и посебни советници именувани од претседателот, кабинетски службеници, државни советници, надворешни соработници, административни службеници, како и лицата коишто се дел од постојаните или времените тела на Кабинетот.

Во составот на постојаната стручна служба на Кабинетот се државните советници за надворешна политика, како и за уставни прашања, секторите за надворешна политика, внатрешна политика, одбрана и безбедност, односи со јавност, организациски и правни прашања, како и независните одделенија за финансиски прашања и човечки ресурси коишто работат за поддршка на целите и приоритетите.

Извршната асистентка на претседателот е надлежна за водење и уредување на агендата на претседателот во секојдневното работење, прием на пошта, делегации и странки и други организациски активности во поддршка на претседателот.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести