Прва регистрација

Објавил: Калина Мартинска | 8 јули, 2024 12:47

Прво регистрирање на лоби организација по донесување на Законот за лобирање

Фото/Текст извор: ©magazin.mk

Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) денеска на седница донесе решение Друштвото за услуги Прима инкасо ДООЕЛ Штип да биде запишано како лоби организација во Регистарот на лобисти, лоби организации и лобирање, откако Друштвото го побарало тоа од Антикорупциската комисија преку електронската платформа lobisti.

Сервет Демири, член на ДКСК, информираше дека се исполнети сите законски услови за ова правно лице да се впише во Регистарот, во кој ќе биде лоби организација регистрирана за вршење лобирање во областите економија, енергетика и правни консултантски услуги.

-По извршената проверка на потполноста на пријавата и исполнетоста на условите од членовите 6 и 7 од Законот за лобирање, а со оглед на тоа што на подносителот не му е суспендирано правото на повторно запишување во Регистарот, подносителот се запишува првпат во Регистарот, рече Демири.

Потпретседателот на ДКСК, Зоран Богоевски, соопшти дека  ова е прв случај на лоби организација која ги користи можностите од Законот за лобирање да се регистрира согласно законот иако тој, рече Богоевски, е во примена повеќе од две години.

-Затоа би сакал да ги охрабрам заинтересираните физички и правни лица, кои сакаат да се стекнат со статус на лобисти или лоби организации, да ги искористат можностите што им ги нуди Законот за лобирање и, секако, доколку имаат нејасностии или прашања, Комисијата им стои на располагање заедно со службите да им помогне на заинтересираните субјекти, рече Богоевски на денешната седницата на ДКСК на која ова беше единствена точка од дневниот ред.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.