Зоки Кичеец извесен период работи и во Царинската управа, каде неговиот кум Влатко Мијалков имаше позиција на советник, но всушност беше шеф во сенка, што му задаваше главоболки на тогашниот директор Ванчо Каргов.

Објавил: Перо Милчин | 28 јули, 2019 13:14

ПРЕД АФЕРАТА “РЕКЕТ”: Зоки Кичеец и неговиот татко купиле куќа и станови во Скопје и Охрид!

Фото/Текст извор: ©фокус

Второосомничениот во истрагата што се води за изнуда, трговија со влијание и перење пари, Зоран Милески, никогаш не вршел значајни функции, ниту поседувал моќни компании, меѓутоа стекнал вреден и атрактивен недвижен и движен имот.

Според податоците кој ги обезбеди Фокус, тој и блиски членови на неговото семејство поседуваат пространи куќи и станови во Скопје, како и лукзусни апартмани во Охрид, од кои голем дел се стекнати во претходните 2017 и 2018 година. Покрај тоа, информациите говорат дека тој поседува и вреден возен парк со милионска вредност.

Истражната постапка што ја отвори обвинителството за гонење на организиран криминал за изнуда, трговија со влијание и перење на пари, предизвика земјотрес во целокупната јавност, од едноставна причина што лицата кои се предмет на истрагата и прогонот важеа за силно етаблирани и длабоко вмрежени со разни структури во извршната и судско-обвинителската власт.

Како што е веќе познато, првоосомничен е неформалниот сопственик на 1 ТВ Бојан Јовановски, познат како Боки 13, кој доби 30-дневен притвор заедно со второосомничениот – Зоран Милески, со прекар Зоки Кичевец. Инаку, тие се сомничат дека зеле 1 и пол милиони евра од познат скопски бизнисмен, за да влијаат кај јавен обвинител во негов интерес во друг предмет каде тој бил опфатен.

Впрочем, таргетот требало да им исплати на уценувачите уште 5 милиони евра, но наместо да одигра конструктивно, тој одлучил да преземе контрамерки, така што, со помош на една странска држава, чиј државјанин всушност е уценуваниот (поседува двојно државјанство), целата операција била документирана и проследена до обвинителството, заедно со кривична пријава.

Иако од обвинителството не ги открија имињата на, условно кажано, предаторите и пленот, повеќе од јасно е дека, според досегашната истрага, Боки 13 и Зоки Кичевец го рекетирале бизнисменот Орце Камчев за да влијаат кај специјалната јавна обвинителка Катица Јанева со цел добие поволна разврска во предметот „Империја“, каде, заедно со десетина други бизнисмени, е осомничено лице, пишува Фокус.

Додека се ројат претпоставки и се нижат шпекулации во која насока може да се развие истрагата, односно дали и до кои високи јавни и партиски функционери мо же да допре (неофицијалните информации водат кон двајца пратеници од СДСМ, кои до вчера вршеа и високи партиски функции), се поставува прашањето како се формирала оваа група, која, според наводите од предистражната постапка, рекетирала бизнисмени?
Притоа, особено внимание привлекува второосомничениот, кој долги години се споменуваше како дел од бизнис олигархијата блиска до екс шефот на тајната полиција Сашо Мијалков, прв братучед на азилантот Никола Груевски. Кој е Зоки Кичеец, што го поврзува со Камчев и како се здружил со Боки 13?
ФИЗИЧКА ПРЕСМЕТКА ПА ОБНОВА НА ПРИЈАТЕЛСТВОТО
Според информациите со кои располагаме, откако се преселил од родниот Охрид во Скопје, првиот поважен контакт го остварува во 2005 година со тогашниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање во владата на СДСМ, Миле Зечевиќ, кој, пак, беше организациски секретар на социјалдемократите се додека не беше променет во рамки на операцијата „метла“.
По промената на власта во 2006 година, кога нова влада формираше ВМРО-ДПМНЕ, Зоки Кичеец се престројува со помош на Дејан Митровски познат како Урко, долгогодишен шеф на обезбедувањето на поранешниот премиер Груевски. Арно ама, како што велат упатените, Кичеец и Урко во период од две години ја расипуваат калимерата без некоја поголема и посериозна причина, туку едноставно поради борба за престиж чие име е повлијателно.
Откако веќе се позиционира на „улицата“, Зоки Кичевец го трасира патот кон „елитата“, преку браќата Сашо и Влатко Мијалкови. Паралелно со тоа, велат нашите соговорници, Кичеец се зближува и со Камчев.
Меѓутоа, меѓу нив двајца дојде до сериозен инциндент во 2013 година, кога Кичеец физички го напаѓа Камчев во скопското кафуле „Интермецо“. Во оваа ситуација, Сашо Мијалков застанува на страната на Камчев, па дури негови блиски луѓе го претепуваат Кичеец како казна и лекција за непромислениот напад врз Камчев.
Сепак, по политичките промени во 2017 година, Мијалков и Камчев одлучуваат секој да фати свој пат и да влезат во процес на поделба, но тоа не оди така лесно поради отпорот на Мијалков. Па, во рамки на овој „разводен“ процес, Кичеец застанува на страната на Камчев, со кого претходно веќе ја обновил комуникацијата.
Пред повеќе од една година, Кичеец и Камчев можеа да се видат еден до друг на отворањето на ребрендирана бензиска пумпа „Гулф Оил“ во скопска Кисела Вода на нафтената компанија „Супертрејд“ на бизнисменот Владимир Стајиќ, кој, исто така, беше дел од фронтот контра Мијалков.

Тоа е сосема логично ако се знае дека Стајиќ и Мијалков станаа меѓусебна конкуренција во нафтениот бизнис, со оглед дека „Бест Веј Инвестмент“ на синот на Мијалков – Јордан Мијалков влезе во овој бизнис преземајќи ја „ОМ Петрол“ од Масар Омерагиќ.

НЕОФИЦИЈАЛНО ВО НАФТЕНИОТ, ОФИЦИЈАЛНО ВО ТРАНСПОРТНИОТ БИЗНИС
Неколку години наназад, името на Кичеец неофицијално се поврзуваше со компанијата „Сан Петролеум“, формирана во 2014 година од офшор компанија, а официјално управувана од грузиските државјани Иракли Сванидѕе и Џорџ Абдушелишвили. Оваа компанија го носеше истиот назив како албанската фирма која ја поседуваше лиценцата од „Гулф Оил“ и која беше екслузивен застапник и за Македонија.
Сепак, на „Сан Петролеум Албанија“ и беше одземена лиценцата минатата 2018 година поради измама со купони. Набргу потоа, Регулаторната комисија за енергетика констатираше престанок на лиценцата на македонската „Сан Петролеум“ за трговија со нафта и нафтени деривати, со образложение дека прекинале да ја вршат дејноста, односно дејноста со подлиценца почнува да ја врши „Супертрејд“.

Иако Кичеец настапувал во името на „Сан Петролеум“, од „Супертрејд“ велат дека тој нема никаква врска со нивната компанија, која ја презеде лиценцата за дистрибуција и продажба на нафта од американската „Гулф Оил“.

Воедно, од таму тврдат дека немаат никаква поврзаност со компанијата која со нејзиниот назив го носи брендот Гулф – „Гулф Компани ДООЕЛ“, формирана од Филип Гочевски со паричен влог од над 2 милиони денари во март 2017 година, неколку месеци пред „Супертрејд“ да стане ексклузивен дистрибутери на Гулф Оил.
Доколку Кичеец не може да се доведе во формална релација со нафтениот бизнис, тогаш може слободно да се каже дека бил дел од транспортниот бизнис.

Имено, тој беше дел од сопствеништвото на такси компанија и вршеше функција во авиопревозник, кои веќе практично не функционираат.
Според податоците од Централниот регистар, Зоки Кичеец станал косопственик на „Ин Такси“ во 2011 година, една година по нејзиното формирање. Тој е дел од сопственичката структура на друштвото се до 2015 година, кога излегува од компанијата, која се уште постои на хартија, но во практика не функционира бидејќи тимот се распушти и се пресели во други такси компании.
Претходно, Кичеец беше претседател на Управниот одбор на „МАТ Ервејз“, формирана со српски капитал по распадот на Македонскиот национален авиопревозник МАТ во 2010 година. Оваа компанија, чиј стратешки партнер беше српски „Контики Травел“, главно оперираше со чартер летови од Белград. Меѓутоа, за кусо време компанијата падна во стечај, кој беше заклучен во 2016 година.
ДВОЈНА ИГРА – ДЕМЕК ЗАШТИТА, А ВСУШНОСТ ИЗНУДА
Во истиот период, односно во 2012 година, се отвора ексклузивниот ресторан „Арабеска“ во строгиот центар на Скопје, кој всушност се наоѓаше во деловен простор на штипската компанија „Брилијант“ на Мите Николов, неодамна откупена од прилепска „Витаминка“. Впрочем, неговиот син Мишко Николов му беше партнер на Кичеец заедно со сириските државјани – Омир Шахда и Калед Балан во правното лице „Арабеска“, кое формално се уште постои.
Настрана тоа, Зоки Кичеец извесен период работи и во Царинската управа, каде неговиот кум Влатко Мијалков имаше позиција на советник, но всушност беше шеф во сенка, што му задаваше главоболки на тогашниот директор Ванчо Каргов. По извесно време, тој е деградиран на пониска позиција, но никогаш немаше институционален епилог за причините поради кои тоа се случи? Кој беше гревот на Кичеец?
Во секој случај, упатените велат дека неговите сопственички удели во „Ин Такси“ и „Арабеска“, како и работните позиции во „МАТ Ервејс“ и царината, ни оддалеку не го исцртуваат профилот на Милески. Според нив, тој главно делувал како посредник меѓу бизнисмемени и политичари, и, користејќи ги врските на едната и на другата страна, помагал при склучување на бизнис зделки. За соодветна сатисфакција, се разбира.
Токму тоа е и неговата улога во последниот случај познат како „Рекет“. Освен што повторно се зближи со Камчев, па дури беше вработен во негова компанија, тој одамна се познава и со Боки 13.

Пред да стане крупен фактор во бизнис светот и да изгради јаки политички конекции, Кичеец работел во разни локали и ресторани, при што, покрај многуте луѓе, со запознал и со човекот со кого заедно заработија притвор.
Имено, Милески настапувал пред Камчев со став дека го заштитува и му обезбедува привилегии во кривичната постапка за „Империја“, а всушност целосно бил синхронизиран со првоосомничениот Боки 13 со цел извлекување на пари. Познавачите велат дека на сличен начин им пристапувал и на други бизнисмени, при што голем дел биле кооперативни.
Проверките што ги извршивме во Катастарот на недвижности покажуваат дека Зоки Кичеец и негови блиски роднини поседуваат атрактивен и вреден недвижен имот во Скопје и Охрид, од кој значителен дел е скоро стекнат. Покрај тоа, сознанијата говорат дека поседува вреден возен парк со милионска вредност.
ИМОТ НА ИМЕ НА БЛИСКИ РОДНИНИ, МОЖНА Е КОНФИСКАЦИЈА
Адресата на живеење на Зоран Милески е на улицата „Девол“ во скопската општина Карпош. Според Катастарот на недвижности, на оваа адреса се наоѓа станбен објект со вкупна површина од 697 квадратни метри, чии сопственици се сопругата на Милески – Мелина Милеска, како и нивните деца. Основниот проект за куќата е изработен во 2009 година, додека техничкиот преглед е извршен во 2018 година.
Како физичко лице, Милески се јавува како единствен сопственик на друга парцела во непосредна близина со број 4861/1, чија површина изнесува 832 квадратни метри, каде е изграден објект со површина од 893 квадратни метри. Доколку се погледне правниот основ за стекнување на имотот, произлегува дека Кичеец ја стекнал оваа пространа куќа врз основа на договор за купопродажба, солемнизиран на крајот на минатата 2018 година.
Исто така, тој се јавува и како сопственик на недвижен имот во родниот Охрид. Имено, официјалните податоци откриваат дека поседува земјиште од околу 300 квадратни метри и два станбени објекти во стариот дел на Охрид со вкупна површина од над 100 квадрати, стекнати врз основа на договор за купопродажба кон крајот на 2017 година.
Воедно, тој поседува луксузен апартман на уште една атрактивна локација покрај Охридското езеро. Се работи за апартман во хотелскиот комплект „Инекс Горица“, од неодамна ребрендиран во „Инекс Олгица“, со површина од над 50 квадратни метри (ИЛ 103627), стекнат во 2013 година согласно договор за размена на имот.
Покрај него, значителна квадратура на недвижен имот поседуваат и негови блиски роднини. Така, неговиот татко Насте Милески се јавува како сопственик на два стана во зграда на булеварот „Теодосиј Гологанов“, со вкупна квадратура од над 100 квадрати, стекнати врз основа на купопродажен договор склучен на крајот на 2018 година. Како инвеститор на овој станбен објект се јавува компанијата „Трим“ со седиште во Охрид, чиј косопственик е стружанецот Менди Ќира, поранешен политички функционер.

Понатаму, постариот Милески поседува станбен простор од 150 квадратни метри во скопско Водно, односно на улицата „Ѓорги Скрижевски“, по пат на договор за купопродажба од крајот на 2017 година. Притоа, Милески поседува делови и од други станбени единици од оваа зграда заедно со извесен Димитар Јосифовски, но и заедно со компанијата „Настел“ на Зоран Азманов, која го градела објектот наречен „Вила Водно“.

Доколку членовите на семејството Милески не можат да ги оправдаат средствата потребни за стекнување на овој имот, односно ако се потврди дека тој е делумно купен со изнудени пари, тогаш, судејќи според досегашните најави, многу веројатно е дека овој имот ќе биде конфискуван.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Анализа

Никола Димитров признава дека “Рекет“ е криминал, но не објаснува зошто за истото не им укажал на Шеќеринска и Сугаревски

Димитров немал средба со Боки 13, но зошто не ги предупредил Шеќеринска и Заев?

Вчера во ФБ статус министерот за надворешни работи Димитров порача дека кај него има...