Нема крај

Објавил: Калина Мартинска | 7 јуни, 2024 18:56

Пред крајот на мандатот владата во заминување со ново задолжување

Фото/Текст извор: ©magazin.mk

На неколку дена пред заминување, власта зеде нов кредит. Се задолжи на домашниот пазар за 25,8 милиони евра, откако вчера издаде две државни обврзници. Првата на сума од 9,6 милиони евра е со камата од 4,2 отсто и треба да се врати за пет години.

Втората во висина од 16,2 милиони евра ќе се враќа во следните деценија и пол, но со повисока камата од 5,6 отсто. За што ќе трошат овие пари, не успеавме да дознаеме. До затворањето на овие вести, од Министерството за финансии не добивме одговор на прашањата.

Домашните банки и фондови кои преку купување на ваквите обврзници ја финансираат државата, сега тријат раце, оти каматата на втората емисија од 5,6 отсто е доста висока и примамлива за заработка, коментираат познавачите. И додека власта на заминување зема нови кредити, мандадарот на новата Влада Христијан Мицкоски најави задолжување од една милијарда евра земена од влада на странска земја.

Поради нискиот економски раст, земјава постојано мора да зема кредити, за да ги врати ратите од старите задолжувања. По издавањето на последната еврообврзница пред две години, владата се сврте кон домашните кредитори, но и кон граѓаните, задолжувајќи се преку издавање домашни обврзници. Пред една година беше издададена првата граѓанска обрврзница, преку која во државната каса се слеаја 25 милиони евра. Неколку месеци подоцна беше издадена т.н. зелена обврзница, преку која се финансираа еколошки проекти во стопанството.

Експертите постојано предупредуваат дека мора да се внимава за што и како се трошат парите, особено во времиња кои не се кризни, а државата се задолжува, со цел да се обезбеди поголем економски раст. Во меѓувреме, Министерството за финансии на својата веб страница објави дека јавниот долг на земјава изнесува 8,3 милијарди евра што е речиси 60 отсто од БДП.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.