„Јордан Хаџи Костантинов - Џинот“

Објавил: Калина Мартинска | 26 април, 2024 18:13

Премиера на претставата „Мац, мац“ вечерва во велешкиот театар

Фото/Текст извор: ©magazin.mk

На сцената на велешкиот Народен театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ вечерва премиерно ќе биде изведена претставата „Мац, мац“ инспирирана од „Мачка на вжештен лимен покрив“ на Тенеси Вилијамс во режија и кореографија на Филип Петковски.

Во претставата играат актерите Ведран Чешарек-Брик, Ана Јовановска, Илин Јовановски, Васил Зафирчев, Кети Борисовска, Филип Христовски и Сандра Танчева.

Музиката е на Мориц Вернер од Германија, сценографија на Дардан Жегрова од Косово и Филип Петковски, а костимографијата е на Антонија Гугинска Јорданоска и Гордана Божиновска.

Проектот е финансиран од Интернационалниот фонд за копродукција (Internationaler Koproduktionsfonds) на Гете институтот и Министерството за култура.

Разговор со режисерот Петковски 

Умно.мк разговарале со Петковски, ви ја доближуваат приказната за оваа претстава.

Во „Мац, мац!“ се потпирате на познатиот текст „Мачка на вжештен лимен покрив“, но одите подалеку, односно ù давате ваш контекст – потребата од среќа денес во секој нејзин порив, односно зависноста од допаминот. Како дојдовте до оваа идеја, со оглед на тоа дека е копродукција помеѓу Пресврт и театарот Велес?

– Идејата воопшто да почне целата приказна со „мачката” беше начната летото лани со група на млади актери (дел од нив во поделата на оваа претстава), како текст со кој ќе се служиме за време на работилниците по техниката Вјупоинтс, без каква било идеја дека ќе целиме кон некаков завршен перформанс. Инспириран од нивниот талент, посветеност и верба во материјалот, почнав да составувам сцени и слики кои во овој процес дополнително ги разработив. По првата работилница, успеавме да направиме и дополнителни две, па, за среќа, целата режисерска работа беше завршена дури и пред да влезам во сала на првата читачка проба. За тоа, им благодарам на сите актери кои присуствуваа на работилниците, особено поради фактот дека нивните импровизации и телесни изразувања беа клучни околу оформувањето на стилот и естетиката на „Мац, мац!”

Пред десет години, што туку вратен од мастер студии од Норвешка, каде што ја направив својата прва претстава, заедно со „Театра“ ја направивме „Трамвајот наречен копнеж” на Тенеси Вилијамс која беше мојата прва претстава во Македонија. Некако се наместија коцките, но навистина случајно, после десет години пак да се бавам со истиот автор, овој пат со „Пресврт“, како претставник на независната театарска сцена, и Театарот „Џинот” кој е секогаш расположен и отворен за нови луѓе и идеи.

Околу промената на контекстот на драмското дејство, сметам дека секоја драма треба да биде на некој начин адаптирана на културниот и општествениот контекст во која се поставува. Би било залудно да се стремиме сценски да го доловиме животот и културата во Мисисипи во 50-тите години на минатиот век, бидејќи тоа е тематика која им е непозната и на актерите и на публиката. Во моите претстави, текстот служи само како сугестија или инспирација, односно не се држиме верно до драматуршките експликации, туку ги користиме само како почетни насоки, а создавам сопствено авторско дело кое е само базирано на драмата.

Вилијамс често ни презентира длабоко несреќни и маргинализирани ликови кои се борат со своите внатрешни демони, социјалните притисоци и комплексноста на нивните човечки односи. Најчесто, тие се аутсајдери желни да станат дел од некаква заедница. Понатаму, многу од неговите ликови користат фантазија како механизам да се сносат со тешките реалности на нивните животи, но на крајот мораат да се соочат со вистината и да се справат со последиците на своите постапки. Она што мене ми е најпривлечно во неговите драми, пред сè поради својот перформативен потенцијал, е како тој ја прикажува деструктивната сила која копнежот како емоција која може да ги натера луѓето да одат во крајности. Како и во неговите драми, во „Мац, Мац!” гледаме една длабоко несреќна фамилија која сонува за живот во кој депресијата не е опција, а во меѓувреме бара излез во погрешни вредности и супстанци за да ја прими својата дневна доза допамин. Тоа се, за жал, луѓе кои сите ние добро ги познаваме, со кои можеме да се поистоветуваме или луѓе кои самите ние сме биле. Toa e во исто време еден од главните проблеми на нашето депресивно општество.

Како режисер, кореограф, секогаш се занимавате со теми што се важни, храбар сте и поставувате прашања. Што вас ви беше најголем предизвик во ова дело?

„Речиси седумдесет години по премиерната изведба на драмата, успеавме да надминеме бројни културолошки и општествени ограничувања, па „скандалозното” и „обратното” се денес епитети за многу различни дела и ситуации. Во театарот, тие се предмет на перформативна манипулација која го користи телесениот израз како медиум за да ја нагласи и акцентира емоцијата која треба да произлезе како производ од сценското дејство. Од тука, педагошкиот пристап беше најголем предизвик, бидејќи од актерите барам да презентираат поинаков вид актерска игра, која не им е својствена“.

Кога станува збор за текстот, во „Мачка” Вилијамс успешно инсинуира неколку теми што ги вметнува како позадински дејствија, иако бил ограничен поради општествените стигматизации во текот на 50-тите години од минатиот век, но и свесен за цензурата на која требал да се потчини за да ја зачува својата кариера. Имајќи го тоа предвид, тој алудира на ликови и ситуации што во тоа време би биле третирани како проблематични, а истите тие се акцентирани во оваа претстава. Во оваа верзија, Меги „мачката” е претставена како антагонист, додека дејството го следиме од призмата на Брик. Од драматуршки аспект, тоа беше вистински предизвик, но од друга страна и забавно искуство.

Каков живот и’ се планира на претставата? Дали веќе имате некакви фестивали на кои сте поканети?

„Планираме гостување на ФИАТ во Подгорица, а чекаме одговор уште од неколку фестивали. Мислам дека животот на ниту една претстава никогаш не е предвидлив, па ни на оваа, ама се надеваме на уште многу изведби“ вели тој.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.