Прва официјална посета

Објавил: Калина Мартинска | 23 мај, 2024 17:17

Претседателката Силјановска Давкова на аудиенција кај папата Франциск

Фото/Текст извор: ©tv24.mk

Македонска државно-црковна делегација предводена од претседателката Гордана Силјановска Давкова е во посета на Рим и Ватикан по повод чествувањето на 24 мај денот на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј.

Силјановска Давкова оствари средба со Папата Франциск на која се разговарало за склучување на конкордат со Ватикан, бидејќи системски треба да се пристапи кон решавањето на прашањата врзани особено за статусот на Католичката црква и христијаните од католичката вероисповест кај нас, за поддршка околу евроинтеграцијата на земјата, но и за целиот Западен Балкан и актуелните светски случувања.

На аудиенција кај Папата денеска беше и бугарскиот претседател Румен Радев, но Сиљановска-Давкова и Радев не остварија средба поради, како што посочи Сиљановска-Давкова, неусогласување на агендите. Подготвеност за средба имало и од двете страни и таа е планирана за некоја наредна прилика.

Според бугарскиот претседател Румен Радев Македонија мора да покаже дека навистина сака да биде дел од обединета Европа со тоа што ќе ги исполни сите барања што ѝ ги поставува ЕУ како и секоја земја-членка.

– Не не успеавме да се сретнеме. Мојата порака кон претседателката на Република Северна Македонија е дека Бугарија очекува промена на реториката и конечно крај на јазикот на омразата. Република Северна Македонија треба да покаже дека навистина сака да биде дел од обединета Европа, кога ќе ги исполни сите барања што ѝ ги поставува ЕУ како и секоја земја-членка. – рече Радев.

На Гордана Силјановска Давкова ова и е прва официјална посета во странство по победата на претседателските избори на 8 мај. Според делегациската агенда, претседателката утре ќе го одбележи Денот на сесловенските просветители со посета на базиликата „Свети Климент“ каде се наоѓа гробот на Св. Кирил.

Види и ова: Агендите во Рим не им се поклопија – Радев очекува што поскоро средба со Сиљановска-Давкова – magazin.mk

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.