Од 15-ти април

Објавил: Калина Мартинска | 11 април, 2024 14:12

Приватните специјализанти незадоволни – најавија генерален штрајк

Фото/Текст извор: ©magazin.mk

Приватните специјализанти најавија генерален штрајк од понеделник – 15 април.

Во денешното соопштение наведуваат дека и покрај одржаниот протест на приватни специјализанти на 27 март и остварената средба со министерот за здравство во техничката Влада, Илир Демири, на 2 април, сѐ уште не биле исполнети нивните барања.

– На средбата со министерот за здравство, од негова страна ни беше ветено дека нашите барања ќе бидат изнесени на следната седница на Влада. После остварената средба со министерот, одржани се две седници на Влада и тоа на 3 и 9 април, на кои според јавно достапните информации на Влада, во ни една од нив не е разговарано за нашите барања, се посочува во соопштението.

Поради тоа, како што се посочува во соопштението, испратено во име на приватните специјализанти при универзитетите за медицински науки „Кирил и Методиј” и „Гоце Делчев“ – Штип, принудени се да го направат следниот чекор – пристапување кон генерален штрајк од 15 април. Се најавува тој да трае сѐ до исполнување на нивните барања.

Одговор од Министерството за здравство

Министерството за здравство преку соопштение информира дека секогаш ќе се залага за подобрување на условите за работа на сите здравствени работници, вклучително и на приватните специјализанти кои се важни во здравствениот систем.

„Ве информираме дека по средбата со нив, е изготвен извештај и доставен на Влада, кадешто на некоја од седниците ќе дојде на разгледување со цел да се видат нивните барања и можните решенија во овој предизборен период.

Во 2018 година, приватните специјализанти за првпат беа препознаени во јавното здравство и платени за својата работа. Ставот на Министерството е позитивен, со цел да им се излезе во пресрет на приватните специјализанти.

Во изминативе години платите на здравствените работници се покачија неколку пати и им се подобрија условите за работа. Со истиот пристап ќе им се помогне и на приватните специјализанти“, велат од таму.

Приватните специјализанти веќе излегоа на протест 

Приватните специјализанти барања кои ги доставија до министерот за здравство се покачување на месечниот надомест којшто, како што посочуваат, сега е 26 000 денари на ниво на моментална просечна плата во државава и понатамошно усогласување на нивната плата со просечната плата во државата.

Здружението бара сите приватни специјализанти да добијат здравствено осигурување и да им се регулира работниот статус, бидејќи, како што наведуваат, во моментов се водат како невработени лица, со договор на дело, без стаж во тек на шест години специјализација.

Тие поради неисполнетите ветувања излегоа на протест на 27-ми март годинава.

Само во Клинички Центар Мајка Тереза има повеќе од 270 приватни специјализанти кои редовно држат смени, амбуланти, дежурства и макотрпно ги извршуваат своите обврски како специјализанти.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.