Летното сметање на времето ќе почне идната недела во недела, на 27 март во 2 часот наутро, со тоа што часовникот ќе се помести еден час напред на 3 часот.
Летното сметање ќе заврши на 31 октомври во 3 часот, со поместување на стрелките еден час наназад.
Додавањето на еден час дневна светлина попладне генерално им оди во прилог на продавниците, спортските активности, земјоделството и други дејности кои се поврзани со дневна светлина. Покрај тоа, продолжувањето на попладневната дневна светлина изгледа го намалува бројот на жртви од сообраќајни незгоди. Исто така, изгледа дека се заштедува електрична енергија со намалувањето на периодот на вештачко вечерно осветлување. Во САД пресметале дека летното сметање на времето заштедува 1% од потрошувачката на нафта.
Од друга страна, поместувањето на часовниците го комплицира одржувањето на сатницата, и може да ги поремети состаноците, возните редови, медицинските уреди, наплатата за разни услуги, итн. Особен хаос се создавал во минатото поради неконзистентности помеѓу државите во сметањето на времето.
Уште од античко време луѓето користеле дневни распореди соодветни на годишните времиња. На пример, кај Римјаните должината на часот варирала: еден час траел 44 минути на денот на зимската краткоденица, а 75 минути на летната долгоденица. Нееднакво траењет на часот во лето и зима сѐ уште се употебува на некои традиционални места во светот, на пример во некои од манастирите на Света Гора.
Во едно анонимно писмо, објавено во 1784 г., Бенџамин Франклин забележал дека парижаните штедат на свеќи така што стануваат порано во лето за да го искористат денот.
Во 1905 г. англичанецот Вилијам Вилет го „измислил“ летното сметање на времето додека јавал на коњ едно прекрасно летно утро пред доручекот.
Тој бил воодушевен од убавината на утрото и помислил дека е штета што поголемиот дел од лондончаните спијат во најубавото време од денот.
Две години подоцна тој го објавил својот предлог, но идејата била прифатена за првпат во Британија дури на 30 април 1916 г. Во САД летното сметање на времето започнало од 31 март 1918 г.
»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.
You must be logged in to post a comment.