Уапсен попладнево

Објавил: Калина Мартинска | 20 мај, 2024 23:32

Притвор се бара за врховниот судија Георгиев, претреси во канцеларијата во Врховен

Фото/Текст извор: ©magazin.mk

За врховниот судија Наке Георгиев ќе се бара најстрогата мерка за обезбедување присуство, односно ефективен притвор во затворот „Скопје“ во Шутка. За него, точно на полноќ е закажана и седница на Судски совет, каде треба да му се симне имунитетот, за да може да се гони.

„За 487-та итна седница на Судскиот совет на РСМ за ден 20.05.2024 година, со почеток во 24,00 часот. Расправа и одлучување по барање на Основен кривичен суд Скопје за одземање на имунитет на судија и за одобрување на притвор на судија, велат од Судски совет“, велат од Судски совет.

Истовремено, траат претреси на повеќе локации, меѓу кои и во Врховниот суд односно просторијата која судијата ја користел.

Георгиев е фатен со 10.000 евра мито, за кое според истрагата, ги земал за да врши противзаконито влијание. Парите ги земал од синот на ексградоначалникот на Ново Село, кој одлежува затворска казна во затворот „Скопје“. Сѐ е работено од страна на МВР во координација со обвинител, по претходна пријава. МВР веќе објави дека судијата е фатен на лице место со парите.

Тој неколку часа помина и во полициската станица Кисела Вода, каде по некое време дојде и неговото семејство и тоа – синот кој е судија и сопругата која е обвинителка.

Денеска (20.05.2024) лишен од слобода е судија од Врховен суд поради постоење на основи на сомнение за сторено кривично дело  „Примање награда за против законито влијание”, велат од МВР.

„Судијата е лишен од слобода на лице место при извршување на кривичното дело. Се чекаат понатамошни насоки од надлежен јавен обвинител“.

Георгиев бил фатен со 10.000 евра означени банкноти. Сомнежите се дека тој требало да овозможи олесување на постапка за поранешен градоначалник од СДСМ, кој кривично се гони.

Кривичното дело за кое е уапсен Георгиев е примање награда за противзаконито влијание. Битието на делтоо ќе биде исполнето кога некој за себе ќе прибави противправна имотна корист, на начин што, со своето претпоставено влијание ќе го натера другиот да стори противправно дејствие во одредена постапка или процес.

Сопругата на Георгиев е обвинителка, а неговиот син заврши академија за судии и јавни обивнители, па стана судија во Кривичен суд. Судиската кариера ја почнува во основиот суд во родната Струмица од каде продолжува во штипска апелација како судија, а подоцна и претседател и од 2020 е врховен судија.

Георгиев имаше и обид да стане член на Судски совет. Тој беше единствен кандидат од Врховниот суд. На гласањето тој доби повеќе чкртаници и неважечки гласачки ливчиња отколку гласови – но беше избран. Потоа поднесе оставка за да нема судир на интереси и син му да стане судија.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.