Наместо 14 дена трансмитерите против дијабет кои им ги даде државата на пациентите траат само три

Објавил: Калина Мартинска | 26 мај, 2024 15:42

Промена на моделот на набавка на лекови и помагала бараат лицата со дијабетес

Фото/Текст извор: ©magazin.mk

Во организација на Сојузот на здруженија на дијабетичари и Здружението на лица со дијабетес „Алегрија“, денеска во Градскиот парк во Скопје под мотото „Сѐ за нас – за нас“, се одржа едукативен настан за подигнување на свесноста за тоа како живеат лицата со дијабет.

Претседателот на Здружението на лица со дијабетес „Алегрија“, Диме Велев, рече дека со реализацијата на проектот се укажува дека лицата со дијабетес се нормални луѓе кои што се дел од заедницата и се придонесува кон уривање на стереотипите кои постојат за лицата со дијабетес.

„Почнавме реализација на проект за подигнување на свеста за користење на новите во технологии во менаџирање со дијабетесот, пред сѐ CGM системите или системи за континуирано мерење на гликоза, за новите технологии во делот на апарати со дигитална размена на податоци, како и за рушење на стереотипите за тоа дека лицата со дијабетес се нешто посебни, тие се многу нормални луѓе кои што се во заедницата“, рече Велев.

Тој посочи дека целта на целиот проект е да се убедат властите дека луѓето кои што користат CGM системи се работноспособни и присутни во заедницата, како и да се освестат за потребите на луѓето дека имаат многу кратко време за навремена реакција. Вели земјава нема примена на доволно развиен концепт на менаџирање со дијабетес.

„Сѐ уште имаме пречки, затоа што ние немаме доволно луѓе кои што се поставени на CGM системи, во Македонија немаме примена на доволно развиен концепт на менаџирање со дијабетес. Кога сето тоа ќе се воведе, ќе се изгради сета таа нова дијабетес култура, дека е многу нормално да се користи, дека е многу поквалитетно да се користи, тогаш нема да има потреба од нови правила за некое право на човек со дијабетес после пет минути да отиде настрана да касне нешто или да се освежи и да се врати на работа или на училиште“, рече Велев.

Преку интерактивен собир, денеска лицата со дијабетес ТИП 1, особено младата популација до 25 години, имаше можност да се потсети на основните постулати при секојдневното живеење со дијабетес.

На настанот беа поставени штандови со глукомери и ленти за мерење на нивото на шеќер во крвта, како и штандови со корпи и обучени лица на кои граѓаните имаа можност да видат колку јаглехидрати содржи секое овошје или зеленчук.

 

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести