Сите трагедии во кои загинаа македонски граѓани

Објавил: Калина Мартинска | 31 март, 2025 15:57

Проширена анкетна комисија – трагедијата во Кочани ќе отвори и други предмети во Собранието

Фото/Текст извор: ©magazin.mk

Најавената Анкетна комисија во Собранието за трагедијата во Кочани најверојатно ќе се прошири и со други предмети.

Првичната иницијатива пристигна од СДСМ и беше конкретно насочена за пожарот во дискотеката, но премиерот Христијан Мицкоски истакна дека освен за Кочани, треба да се зборува и за модуларната болница во Тетово, несреќата кај Ласкарци, купопродажбата на Соравија и други предмети.

„Ние секогаш сме на страната на правдата и сметаме дека доколку тоа е потребно, дека сите случаи треба да добијат правна и правилна разрешница, без селективна правда.“, вели Методија Илиевски.

Поддршка за ваква комисија има и од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

„Немаме ништо против ваква Анкетна комисија, но ќе ја прошириме со трагедии коишто се случија, како онаа во модуларната болница, Ласкарци, Беса-транс… така што нема ништо против тука никој.“, вели Бране Петрушевски.

За случајот во Кочани претходно од ДУИ побараа и меѓународната истрага. Од партијата велат дека граѓаните ја заслужуваат вистината, а не политички игри и прикривање на скандали.

Од ДУИ бараат одговори од Владата и МВР за работењето на агенцијата за обезбедување „Рубикон“.

„Оваа агенција, блиска до владејачката партија, била одговорна за безбедноста на кабарето во Кочани во ноќта кога се случи трагедијата што одзеде 59 невини животи. Затоа, Владата има обврска да и даде на јавноста јасни одговори. Кои се другите клиенти на „Рубикон“? Дали имале регуларни безбедносни договори и лиценцирани обезбедувачи?“, вели Албана Мустафа.

Инаку, за случајот во притвор остануваат повеќе припадници на обезбедувањето, полицајци, но и поранешни функционери, меѓу кои и Крешник Бектеши, Горан Трајковски и доскорешниот градоначалник на Кочани, Љупчо Папазов. Од сите осомничени за кои беше побарана мерка за задржување, во домашен притвор единствено се двајцата поранешни градоначалници Ратко Димитровски и Николчо Илијев, како и екс директорка во Пазарниот инспекторат.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.