Не ми влегува во главата како е можно за само дваесетина дена, она што бил нормален, урбан, секојдневен живот во Киев или Одеса – пазарење по модерни супермаркети, студирање, носење деца во градинки, вечерни забави, туширање наутро, свадби и разводи и безделничење на интернет – наеднаш да се претвори во тотален кошмар со буквална, секојдневна борба за гол опстанок…

Објавил: Мирко Бачиќ | 14 март, 2022 6:51

Путиновата битка за Киев ќе биде како онаа кај Бородино за Наполеон

Фото/Текст извор: ©civil media

Војната во Украина влегува во својата четврта, можеби решавачка, но сигурно најтрагична недела досега, а мене која било домашна тема, неповрзана со оваа ужасна, масовна човечка трагедија толку блиску до нас ми се чини неважна за внимание.

Тоа го знаат и сите оние кои овде го користат моментот и си продолжуваат со своите градежни маркички, ситни и крупни корупции, меѓупартиски надмудрувања, плукања по фејсбук, седење дома со државни плати, поскапувањата на кои им нема крај (тоа уште како има врска со војната!), па дури и повторното „будење“ на пандемијата, засега, во некои далечни краишта од нас, а на само неколку дена од нас…

Не ми влегува во главата како е можно за само дваесетина дена, она што бил нормален, урбан, секојдневен живот во Киев или Одеса – пазарење по модерни супермаркети, студирање, носење деца во градинки, вечерни забави, туширање наутро, свадби и разводи и безделничење на интернет – наеднаш да се претвори во тотален кошмар со буквална, секојдневна борба за гол опстанок… Децата да си ги пратиш некаде, или на фронт, и да не знаеш кога и дали повторно ќе ги видиш?! Ужас!

СИРИЈЦИ ЌЕ ЈА СПАСУВААТ РУСИЈА

И како тоа на моќната руска армија, митолошки опеана во сите нежни православни души, ѝ се потребни 15-20 илјади доброволци од Сирија и којзнае колку илјади Чеченци, за да ја освои Украина и да го пороби еден од најстарите христијански центри во светот – основачот на самата прото-Русија – Киев? Тоа ли е „наследството“ по кое ќе остане Путин запаметен, откако со земја (како Мариупол, нешто помал од Скопје) ќе ги срамни украинските градови и села? Не ѝ пречи ли ова на Великата Руска православна црква чии владики низ секојдневни молитви и желби за долго здравје го воздигнуваат својот овоземен светец, рускиот претседател?

Впрочем, зошто на 140 милиони Руси им требаат доброволци – по ѓаволите – од Сирија за воено да ги покорат своите православни браќа од Украина!? Па, малку ли Руси (и Белоруси?) има што би гинеле за Путин, што мора да се „увезуваат“ борци од муслиманскиот свет за неговата „света мисија“ во офанзивната одбрана на Мајка Русија? Тоа ли е „содржината“ на проектот за „денацификација“ на Украина?

Мизерија. И тоа на едно поапстрактно морално и верско ниво од она што е веќе на човечкото рамниште оваа тотална хуманитарна катастрофа.

СЛЕДУВА ХЕМИЈА!?

„Западната пропаганда“ вели дека Путин се подготвува за хемиско-биолошка војна во Украина и дека затоа носи сириски „доброволци“, бидејќи во сириската војна со тоа забрането оружје се ништеа илјадници противници – муслимани, ако е тоа важно – против режимот на Башар ал Асад. Руската „дипломатската“ подготовка за едно вакво сценарио веќе е направена со обвинувањата во ОН дека во Украина Американците во десетици лаборатории развивале биолошко и хемиско оружје (врз „генетска“ ДНК-руска основа!?) што требало да се користи против Русија. Оваа научно блесава теорија нема за задача да биде експертски или фактички спорена, туку да се шири по налудничавите пропагандни канали за оправдувањето на непостоечките причини за бруталните освојувања на режимот на Путин.

Последователните историски анализи за „патриотската војна“ на Наполеон да ја освои Русија на почетокот од 19 век велат дека француската Гранд Армѐ во тој грандиозен воен дебакл загубила, меѓу другото, околу 150-200 илјади коњи (повеќето без „зимски потковици“ за на мраз!), тоа тогашно основно „погонско“ средство не само за водење војни, туку и за мирнодопското функционирање на тогашните општества, од земјоделието и транспортот, до трговијата и градежништвото… Некои економски проценки тврдат дека и само заради тоа, дури и без да се земат предвид големите човечки (околу половина милион француски војници) и огромните материјални загуби, Франција не можела барем половина век да си дојде на себе.

Неколку дена пред да стане руски претседател, во доцната 1999 година, Путин објави свој напис во „Независимаја Газета“, весникот што се сметаше за умерен либерален критичар на руската власт во интелектуалните московски кругови, во кој ќе предупреди: „За првпат по 200 до 300 години, Русија е соочена со реалната опасност дека би можела да падне во втората, или дури и во третата лига на глобалните сили.“ Тој ги повика Русите на обединување за да останат во она што го нарекува „првокласна“ нација.

Па, како ќе заврши модерната Русија од визијата на Путин по оваа катастрофална освојувачка војна, дури и да ја „добие“, како и да се дефинира таа „победа“!?

МИТОТ ЗА РУСКАТА „МОЌ“

Руската конвенционална армија покажува дека е далеку понеспособна и понеподготвена, во сите важни аспекти на војувањето (од морал, до опрема, логистика и тактика), од митот што се градеше за неа. По војната во Украина, Русија по својата воена сила и закана ќе се сведе на осредна регионална сила – можеби дури не ни на нивото на Турција, на пример – која, наспроти почетниот воинствен изговор на Путин, во наредните неколку децении нема да претставува никаква (освен застарена нуклеарна) воена закана за Алијансата на НАТО. Напротив, таа ги натера сите важни европски западни држави наврапито и долгорочно да почнат да издвојуваат двојни и тројни средства за надополнување и обнова на своите воени капацитети, како и да ги актуелизираат плановите за градење на европски автономни сили (плус НАТО) за водење одбранбени војни. По својот украински дебакл, Русија со години нема да може воено да ѝ се закани ни на Естонија, а камо ли на обединета Европа. А, најновите информации што ги лиферуваат угледни медиуми (го читам „Фајнаншел Тајмс“ доцна во недела навечер), сѐ дека Русија ја моли Кина за помош во оружје за воено да ја совлада Украина… Ќе го вмеша ли Путин и Пекинг во своите безумни, дијаболични антиевропски и антизападни планови? Како е тоа, стратегиски, во интерес на Путин и Русија?

Со оглед на тековното осакатување на руската економија, не само како резултат на растечките и долгорочни меѓународни санкции (кои и Запад ќе го чинат многу), туку и заради сопствените огромни воени трошоци, а уште повеќе и заради европската детерминираност енергетски да се „осамостои“ од руските снабдувања уште во оваа деценија, јасно е дека, кога ќе стивнат топовите, со економскиот пад Русија, од сегашното вкупно економско ниво меѓу Италија и Шпанија (кои не се „глобални сили“), ќе се сведе повеќе кон Полска и Турција, на пример, многу помала (и сега) од економската големина на еден Тексас(!)… Ќе стане моќна колку некој од понеразвиените кинески региони, како „џуниор партнер“, колонијален домен на нејзиниот посакуван нов глобален азиски сојузник. Како е тоа, стратегиски, во интерес на Путин и Русија?

РУСИЈА ПОСАКУВА ПРЕГОВОРИ

Демографски, Русија и сега е една од најзагрозените европски држави, а по оваа војна којзнае колку милиони млади, паметни, образовани Руси – како Германците, по Втората светска војна – ќе си заминат (и веќе во илјадници си заминуваат, на Запад) од мизеријата на Путиновиот режим. Но, за обнова на Германија имаше масивен „Маршалов план“, а Русија ќе се надева на „Кинески план“ како да е Северна Кореја – доколку, всушност, не ќе треба да ѝ плаќа воени репарации на Украина во децениите што доаѓаат!? Како е тоа, стратегиски, во интерес на Путин и Русија?

Морално-политички, пак, овој грандиозен пад во историската кал ќе ја претвори Русија во „посакуван модел“ само за најрадикалните балкански запенавени кафеански православни и национал-шовинистички кругови, дури и без разлика на тоа кој што мисли, со разбирлива жестина, за состојбата со „глобалистичкиот“ морал и вредностите на Западот. Како е тоа, стратегиски, во интерес на Путин и Русија?

По СИТЕ основи, јасно е, Русија ќе излезе десеткувана по катастрофата со инвазијата врз Украина. Севкупните руски загуби само ќе растат особено и дури ако ѝ успее, макар и на ограничена територија, да го пороби храбриот украински народ.

Затоа и се чини дека единствениот спас за Путин се започнатите преговори со Украина – и покрај целата глумажа за „непопустливоста“ на Путиновите ставови и неговиот со години пропагандно внимателно граден имиџ на мачо-суперхерој. Колку подолго траат преговорите и војната во Украина, толку руските позиции само ќе слабеат, да, по висока цена за сите.

Проблемот, додуша, е во тоа што Кремљ знае дека утрото по завршувањето на преговорите почнува првиот ден од паѓањето на сегашната руска власт. Како Наполеон по битката кај Бородино, своевремено. Ќе му биде ли овозможено на Путин да ја избере својата Елба?

Сашо Ордановски

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Колумна

Ми се смачи веќе, кога ќе го читам името Никола Груевски со неговите статуси. Се до оној момент додека не го прифати таканаречениот "пржински договор" со кој доброволно се откажа од власта , ставав рака во оган за обој човек, бидејќи мислев дека е вистински патриот и заштитник на својот народ.

Груевски и Мијалков се виновниците поради кои денес лежат во затвор невини луѓе

Грешките кои ги направи Груевски кога не го притвори Зоран Заев и веднаш не го избрка...

Значи од 16 Министерства дури на 9 ( девет) се Албанци што произлегува дека од 25% ( доколку гласале сите гласачи ид 25% Албанци во Македонија) тие партипицираат дури со 60% или 220% повеќе од тоа што би било природно (25%) што е и договорено со таканаречениот Рамковен Договор.

Албанци декларирајте се како Македонци во Македонија

На фудбалските натпревари Македонија со Албанија да навивате за Македонија. Да ги...

Според последните статистики од 30 Април 2022 , Долгот на американската влада се зголеми за приближно 1,2 трилиони американски долари на годишно ниво на проценет вкупно околу 30,50 трилиони долари во 2021 година. За 2022 година, националниот долг на САД се предвидува да биде околу 31,83 трилиони американски долари.

Америка најзадолжената земја во светот, сеуште глуми супер нација со демократски вредности

Америка најзадолжената земја во светот сеуште глуми супер нација со демократски вредности. Американскиот...