
Македонија
Вести
Основното јавно обвинителство Струга поднесе два обвинителни предлози за кривични дела – Несовесно работење во службата од 353-в и продолжено кривично дело – Фалсификување исправа според член 378 од Кривичниот законик, а поврзани со работата на училишта на територијата на општина Струга.
Рамиз Мерко се најде во нови две обвиненија, покрај двата судски процеси, кои веќе се закажани во струшкиот Основен суд,
Во првиот предмет, обвинети се 4 лица, наставничка, директор, помошник директор на училиштето во Велешта и Мерко, затоа што фалсификувале документ за вработување, а потоа и за назначување на директор во периодот од април 2022 до септември лани.
„Првообвинетата – наставник по француски јазик во основно училиште во Велешта употребила три лажни јавни исправи како вистинити, кои ги искористила за полагање стручен испит во Државниот испитен центар. Останатите тројца – градоначалник на општина Струга, директор и помошник-директор на училиштето ги прифатиле фалсификуваните документи во постапката за полагање стручен испит, вработување како наставник, но и за назначување на првоосомничената за в.д. директор на училиштето во периодот од 19.04.2022 до 06.09.2023 година“ велат од ОЈО.
Во вториот предмет, градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко е обвинет за несовесно работење во службата, бодеќи за в.д. директор во основното училиште во село Подгорци именувал лице кое не ги исполнувало условите, односно немало работно искуство од најмалку 5 години во воспитно образовна работа како што е предвидено според законот, па 6 месеци бил на директорката функција.
„Обвинет е градоначалникот на општина Струга за кривично дело – Несовесно работење во службата од 353-в, бидејќи донел решение со кое за в.д директор на основно училиште во селото Подгорци именувал лице кое не ги исполнувало условите, односно немало работно искуство од најмалку пет години во воспитно-образовна работа, како што е предвидено во Законот за основно образование. Иако не ги исполнувало условите, лицето ја извршувало директорската функција во периодот од 11.11.2022 до 25.04.2023 година“велат од ОЈО.
За слично дело, на Мерко на 22 мај, за кога е закажано рочиштето, ќе му се суди затоа што што поставил в.д директорка на училиште во селото Лабуништа, која немала соодветно работно искуство.
За 3 јуни е закажано судењето во кое тој е обвинет за злоупотреба на службата при набавката на службеното луксузно возило Ауди 6 од 67 илјади евра, во услови кога општината имала блокирана жиро сметка.
Мерко е на црната американска листа од лани летоска, не само за вмешаност во корупција, туку и за влијание врз судски и други процеси.
»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.
You must be logged in to post a comment.