Вкусен подварок со месо!

Објавил: Весна Петровска | 18 декември, 2022 7:11

Реден подварок со кисела зелка!

Фото/Текст извор: ©мои рецепти

Расол или кисела зелка е прехранбен производ кој се добива од зелка со ферментација со разни бактерии.

Зелките се чистат од надворешните оштетени лисја, им се вади продолжението од коренот, тоа место се полни со сол и се редат во буре. Според некои рецепти вака наредените зелки се оставаат извесно време, па наредниот ден преостаната сол се меша со вода и тура во бурето. Водата треба ги покрие зелките. Најгоре се става камен во плочеста форма за да ги притиска зелките надолу.

Третиот ден течноста се преточува (се вади солената вода од бурето за да се размеша солта и повторно се враќа), и истото потоа се права на два дена. По околу 2 недели расолот е спремен за употреба.

Расолот е во широка употреба во текот на зимските месеци. Од него се приготвуваат разни традиционални јадења како сарма и подварок, а може да се користи и за салата. Расолницата како нус-производ од расол, има своја употреба.

Состојки:

1 поголема кисела зелка од околу 1,5 кгр. или две помали

околу 1.200 гр. мешано месо свинско, говедско, пушени ребра, месната пушена сланина

2 глави лук 

толчен бибер, црвен мелен пипер

суви пиперки, морков свеж или од туршија

ловор,буковец

7-8 лажици свинска маст

околу 600-700мл. расолница

Подготовка:

1. Зелката исечете ја на потенки кругови. Месото исечете го на тенки парчиња како шницли.

2. Тенџерето во кое ќе го спремите подварокот добро го премачкајте со свинска маст.

3. Земате од зелката и наредете првиот ред. Врз него посолете по малку бибер, малку црвен пипер, буковец, наредете парчиња од месото. Земајки од секој вид на месо по едно парче, врз него ставете тенки парчиња од сланината. Врз месото ставете пак кругови од зелката, пак зачинете, ставете ловор, ставете 1-2 суви пиперки, морковот исечен по должина или ако е потенок може и цел, целите главици лук кој добро ги измивате, но не ги лупите, евентуално можете да ја одстраните само горната лушпа – главиците треба да останат цели. Повторно од зелката, зачинете, пак месо и затварате со последните кругови од зелката. Зачинете.

Со цели листови од зелката добро затворете ја површината над зелката. ставете зачинете пак, ставете неколку лажици од маста, добро ја налегнете. Налегнете со некој сад (најчесто тањир) повторно налегнете, залејте со расолница, ставете да се крчка на тивок оган најмалку 3 часа. Подварокот е готов кога зелката е мека, а месото разварено. Не смее да дозволите да ви одоздола загори, но не и да има вода. Овој подварок се сече и се вади парче од тенџерето, се јаде со вилушка. Уживајте во еден убав неделен ден со вака спреман подварок.

Совет –

Вака спреманиот подварок за мене е највкусниот. – Кој не користи свинска маст заменете со зејтин.

– Доколку не сакате да биде вака реден туку дробена зелка, слободно тоа го направете, но редете го на овој начин.

– Можете да вадете од зелката и само листови, во листовите ставете парче месо и само преклопете го – пак така редете и зачинувајте.

– Доколку го сакате малку поинаков, запржен, тогаш напрвете една подпршка, залијте ја добро налегнатиот подварок, па дури тогаш ставете ја расолницата. Подрпшката ќе спадне долу и повторно варете на многу тивко.

– Сол не користам бидејки заливам само со расолница. Доколку ви е многу солена расолницата, тогаш ставете вода или поделете пола – пола. Кога крчка со расолница има сосема друг вкус.

– Подварокот во нашиот дом се спрема некој пат и од вечер на сосема тивко крчка до нареднот ден. – Колку повеке се крчка – толку тој е повкусен.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.