Економија

Објавил: Калина Мартинска | 3 август, 2024 15:13

Рекордна потрошувачка на струја поради топлото време

Фото/Текст извор: ©magazin.mk

Жешкото време ги вклучи климатизерите да работат турбо ден и ноќ.

Поради топлотниот бран кој никако не престанува, потрошувачката на струја руши рекорди. Само овој месец, Македонците потрошиле за над 4% повеќе струја отколку лани во јули. Од ЕВН пресметале дека вкупната потрошувачка во јули изнесувала 458.000 MWh, што се должи на високите температури. Пеколните горештини беа најсилни во втората и третата недела од месецов, па најголема потрошувачка е регистрирана на најтоплиот ден, 17-ти јули кога биле потрошени над 17 илјади мегаватчасови. Температурата тој ден достигнала 42 степени измерени на скопскиот аеродром. Зголемена потреба од струја имало и во јуни кога било многу потопло од просекот претходните години.

„Минатата година вкупната потрошувачка на ел. енергија, за месец јули изнесувала околу 440.000 MWh. Просечната дневна потрошувачка за тој период е 14.193 MWh. Разликата се јавува заради разликата на температурите во втората и третата недела од годинешниов јули, бидејќи во тој период температурите се далеку над просекот. Во месец јуни годинава потрошени се  околу 406.000 MWh. Најголема потрошувачка е регистрирана на 20.06.2024 (ден  четврток) и изнесува 15.385 MWh, кој е и еден од најтоплите денови овој период, со максимални 38°С, измерени на скопскиот Аеродром“ – велат од ЕВН.

Пред два дена, повеќе скопски населби немаа струја подолг период, бидејќи се санираа дефектите на двата 110 киловолтни далекуводи, кои се оштетија во силното невреме што го зафати главниот град пред неколку недели. Од ЕВН Македонија велат дека екипите на Електродистрибуција успешно го завршиле зафатот и порано од планираното, по што корисниците имаат стабилно снабдување со електрична енергија. Тврдат дека поголеми проблеми и испади во мрежата нема, само планирани прекини поради реконструкција на мрежата.

 

„Електродистрибуција секогаш ги планира своите капацитети на потрошувачка според бројот на корисници кои со соодветни барања и документација за користење на електрична енергија се приклучени во дистрибутивната мрежа, со дополнително усогласување со планот за сезонската потрошувачка. За таа цел и се набавуваат и обезбедуваат потребните капацитети на електрична енергија и како резултат оваа компанија никогаш не се соочува со недостиг од електрична енергија“ – велат од ЕВН.

И на глобално ниво се достигнуваат рекордно високи температури. Европскиот сервис за климатски промени Коперник ги регистрирал 21-ви и 22-ри јули како најжешки денови ова лето. Екстремните тропски горештини особено се присутни во северната хемисфера. Научниците и метеоролозите очекуваат оваа година да биде рекордно најтопла во историјата на мерењата на температурата. Само за споредба, 2023-та беше карактеризирана како најжешка во последните сто години.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.