
Спорт
На 22 декември мината година на вонредното изборно генерално Собрание на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Масар Омерагиќ со акламација е избран за претседател на федерацијата.
Во ексклузивно интервју за ТРТ Балкан на македонски јазик, Омерагиќ зборува за неговата визија за унапредување на фудбалот во земјата, неговиот тим составен од поранешни репрезентативци, очекувањата од репрезентацијата, но и можноста за соработка со фудбалските сојузи во земјите од регионот и идејата за Регионална фудбалска лига. Во своето прво обраќање во јавноста во својство на прв човек на ФФМ, Омерагиќ рече дека знае во која насока треба да се развива фудбалот во земјава. Оттаму, логично беше првото прашање, во која насока и како треба да се работи за да се унапреди фудбалот во земјава?
Фокус на инвестирање во младите и инфраструктурата
Омерагиќ нагласува дека тоа го базира на неговото богато искуство во фудбалот, додавајќи дека речиси целиот свој живот, порано како фудбалер, потоа како член на Управниот одбор на ФФМ, а сега и како претседател на федерацијата.
„Основно за развој на фудбалот во секоја држава, па и во нашата е инвестирање во инфрастуктура и инвестирање во младите, постојано едуцирање на тренерскиот кадар, како и произовдство на судии, односно едуцирање на судиите за да имаме што поквалитетно судење. Паралелно со тоа, создавање на регуларни услови за играње е еден од главните предуслови за да имаме квалитетен фудбал. За сето тоа е потребно само време“, вели Омерагиќ.
Пандев, Најдовски и Ибраими дел од тимот на Омерагиќ
Јавноста позитивно ја коментираше неговата одлука во својот тим да ги има некогашните истакнати фудбалски репрезентативци со цел да ги поправи состојбите во македонскиот фудбал, а Омерагиќ уверува дека тоа е исправна одлука, која ќе покаже резултати.
„Во тимот околу мене се, ако одиме по возраст, Илија Најдовски, знаете, нема потреба да го претставуваме. Тоа е фудбалска легенда, која што го има подигнато пехарот на светски првак на Црвена Sвезда кога беа светски прваци во Јапонија. После тоа е Горан Пандев којшто ја има освоено Лигата на шампионите, наш ререзентативец, и нормално тука доаѓа Агим Ибраими. Има и други поранешни фудбалски имиња, како што е Гоце Христов и другите, сега да не ги набројувам. Меѓутоа, сето тоа се познати фудбалски имиња, кои целиот свој живот го поминале во фудбалот, не зависат, тие се реализирани како личности, како луѓе, едноставно имаат желба само да помогнат во развојот на фудбалот со своите идеи и со своето работење и учество во работењето на Фудбалската Федерација на Македонија“, потенцира Омерагиќ.
Како публиката да се врати на фудбалските трибини?
„Што се однесува до Првата лига, каде што е сениорскиот фудбал, публиката ќе се врати на терените кога ќе имаме конкуретни тимови. Кога ќе имаме тимови што играат квалитетен фудбал, а ние како федерација ќе им помогнеме во коректни услови, односно во фер услови, безбедни услови за играње и фер судење. Кога тоа ќе го поврзете со имплементирање на ВАР-от тогаш луѓе што сакаат да инвестираат, бизнисмени или компании, да инвестираат во фудбалските клубови, ќе добијат поголема сигурност дека парите што ќе ги инвестираат во клубовите дека ќе имаат вредност, дека нема да бидат оштетени од субјективни причини. Така да сето тоа е поврзано со фудбалската федерација во сегмент каде што федерацијата ќе обезбеди регуларни услови за игра и секој клуб колку вреди на терен такви резултати ќе има. Тогаш, ќе има основ бизнисмените да сакаат да инвестираат во фудбалот, бидејќи заработката од фудбалот кога ќе излезете во евро-куповите не е за потценување“, објаснува Омерагиќ.
„Репрезентацијата повторно ќе ни носи радости“
Во однос на неговите очекувања во кој поглед треба да се развива репрезентацијата во квалитативен и во резултатски аспект, тој уверува дека публиката допрва ќе се радува на репрезентативните успеси.
„А репрезентацијата е амбасадор на државата. Тоа е репрезентацијата која и носи радост на државата и тага. Моите очекувања се секогаш големи, но јас преферирам секогаш да бидам реалист. Ќе дадеме се од себе, јас сум уверен, верувам во играчите, верувам во стручниот штаб и во селекторот и знам дека како што не радувале во блиското минато, повторно ќе ни донесат радости. На квалитативен план, очекувам да имаме и нови фудбалери во репрезентацијата кои настапуваат надвор од државата и во државата кои што нормално, со својот квалитет го заслужуваат тоа. Но сепак би сакал времето да времето остави, бидејќи највеќе сакам да сум реалист“, заклучува Омерагиќ.
Целото интервју прочитајте го на ТРТ Балкан
»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.