Синоќа беше спуштена завесата на Олимписките игри во Париз, Американците и овојпат се најтрофејната нација, но Кина беше рамо до рамо со нив кога се во прашање златните медали.
САД и Кина освоија по 40 златни медали, но Американците имаа и 44 сребра и 42 бронзи, за разлика од Кинезите кои 27 пати стоеа на второто место на пиедесталот и 24 пати беа трети.
Овие две нации беа далеку пред другите, третопласираната Јапонија имаше двојно помалку златни медали од САД и Кина, точно 20. Следува Австралија со 18 злата, а топ пет листата ја комплетира домаќинот Франција со 16 златни медали.
Македонија овие Олимписки игри ги заврши без медал, за разлика од нас сите наши соседи се израдуваа на некакви одличја.
Албанија освои две бронзи, тоа беа нивните први медали на Олимписки игри, Косово се закити со сребро и бронза. Грција освои вкупно осум медали од кои едно злато, едно сребро и шест бронзи. Србите имаа пет медали, но дури три од нив беа златни, по едно сребро и бронза. На три злата се израдува и Бугарија, имаа исто така едно сребро, но три бронзи.
Македонија на овие Олимписки игри настапи со шест натпреварувачи. Највпечатлив настап имаше таеквондистката Миљана Рељиќ која се пласираше во четвртфиналето победувајќи ја двојната олимписка шампионка Џејд Џонс.
Дарио Ивановски го зарши маратонот на 69. место со значително послабо време од неговиот личен рекорд, но најдобриот македонски атлетичар се бореше и со повреда во текот на речиси целата трка.
Борачот Владимир Егоров не се прослави, загуби убедливо уште во првата борба. На стартот поразен беше и македонскиот џудист, Еди Шерифовски.
Анастасија Мојсовска стрелаше во дисциплината воздушна пушка од 10 метри каде заврши на 31. место од 43 натпреварувачи. Со значајно олимписко искуство се врати младиот пливач Никола Ѓуретановиќ кој беше последен на трката на 400 метри слободно.
Спектакуларно затворени Олимписките игри: Том Круз скокна од покривот на Сен Дени
»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.
You must be logged in to post a comment.