
Македонија
Колумна
Не сум сигурен кој би бил логичниот одговор на прашањето како, по десетици запалени автомобили само оваа година во Штип, не може да се открие кој ги пали возилата? Подготвен сум вака, „од ракав“, да ви гарантирам дека во град од големината на еден Штип, на пример, постои непишан, но комплетен и јавно ажуриран каталог за тоа кој кому му е швалер или швалеркa, пишува Сашо Ордановски.
Истото се однесува и на организираното палење, за една ноќ, на десетина пластични контејнери во Скопје – како е можно веќе утрината да немаме приведени и осомничени за таков тежок и опасен вид вандализам, со значителна материјална штета?
Подготвен сум вака, „од ракав“, да ви гарантирам дека во град од големината на еден Штип, на пример, постои непишан, но комплетен и јавно ажуриран каталог за тоа кој кому му е швалер или швалерка… кому нивата му родила 30, а кому 300 килограми домати… кој кому колку му должи за свадба, за крштевка или за коцкарски долгови… кој до каде е со студирањето, со иселувањето или со мажачката и женачката… и, се разбира, кој како ќе гласа на следните избори, а и зошто…
Па, како, побогу, да не се знае кој може и од кои причини сака да запали нечиј автомобил – и така 30-40 пати по ред?!?! Не е белки сите доушнички мрежи на полицијата само пастрмајлии да јадат и ракии да пијат по штипските кафеани, без да си ја вршат работата за која се регрутирани и за што им го плаќаме ручекот?!
Истото важи и за организираното палење на скопските контејнери. Најпроста дедукција, малку истражителско „улично“ искуство и само неколку часа чепкање по постоечките кривично-правни архиви, кругот на сомнителни ќе го сведе на само неколку можности: или зад тоа стои некаква изопачена политичка мотивација; или некои радикали за ранење мачки од контејнери поминале на страната на анархистичката методологија за рушење на правниот поредок; или таа ноќ се пуштил во промет некој од познатите локални налудничави пиромани… Толку е, нема друга можност.
Па, колку часови му треба на кое било криминалистичко одделение по овдешниве полициски станици да ги откријат изведувачите на овие груби акти на насилство.
И, сепак, ништо не се случува, ни во Штип, ни во Скопје… До следното палење.
»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.
You must be logged in to post a comment.