Централниот одбор

Објавил: Калина Мартинска | 5 ноември, 2024 23:15

СДСМ најави 30-ти Конгрес: Ново раководство, нови политики и засилена структура со два организациски секретари

Фото/Текст извор: ©magazin.mk

На седница на Централниот одбор (ЦО) на СДСМ беа донесени важни одлуки за иднината на партијата и се разговараше за тековната политичка и економска состојба во земјата. Во дискусијата беа изразени критики кон актуелната власт, предводена од Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, обвинувајќи ја за непочитување на изборните ветувања и спроведување на економски политики кои, според СДСМ, доведуваат до опаѓање на животниот стандард на граѓаните, раст на цените и нови долгови.

ЦО на СДСМ оцени дека политиките на Владата не само што ги разочарале граѓаните, туку и ја загрозиле европската перспектива на Македонија. Партијата изрази загриженост за наводната злоупотреба на институциите преку партизација и изместување на професионалци од клучни позиции.

Во однос на внатрепартиските процеси, ЦО на СДСМ одлучи на 24 ноември да го одржи 30-тиот Конгрес, на кој ќе биде избран нов Централен одбор и ќе се разгледаат идните политики на партијата. Една од клучните одлуки е предложената измена на Статутот за воведување на два организациски секретари, со цел да се засили оперативната ефикасност на партијата. Дополнително, новите статутарни измени ќе вклучуваат и принципи за родова еднаквост при избор на заменик претседател на СДСМ.

ЦО одлучи и дека 29-тиот Конгрес, кој претходно беше прекинат по барање на општинските организации, ќе продолжи со работа пред да се одржи 30-тиот Конгрес. Забележано е дека работата на партијата води кон консолидација и подобрување на атмосферата во локалните ограноци, со постепено враќање на довербата.

СДСМ нагласува дека, и во опозиција, останува посветена на граѓаните и ќе продолжи со критика на погрешните политики на власта, но и со активности кои значат подобрување на стандардот на граѓаните преку законски предлози во Собранието.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.