Над 200 амандмани на предлог-буџетот за следната година поднесе опозициската СДСМ.
Во пресрет на комисиската собраниска расправа која започнува утре, лидерот на партијата Венко Филипче на прес конеференција ја обвини власта за нереална распределба на буџетските средства. Според него новата влада не вложува во младите, земјоделците, образованието, се крати на капитални инвестиции во клучните сектори, а единствено вели се зголемуваат долговите.
-Прво предлагаме зголемување на платите во јавниот сектор, особено во образованието, полицијата и кај пожарникарите. Ова се клучни позиции каде треба да се мотивираат вработените, а со тоа да се подобрат условите за живот. Конкретно во МВР предлагаме покачување на платите за 20%.. Очекувам да покажат добра волја и да ги поддржат овие амандмани, бидејќи тие се исклучиво направени да им помогнат на граѓаните и на нашата економија,- Венко Филипче – претседател на СДСМ.
Претседателот на СДСМ се осврна и на унгарскиот кредит, кој според него нелогично се употребува. Според него не требало да се повлече цел заем уште пред да почнат да се трошат парите, а спорно вели е и тоа што граѓаните ќе враќаат долг за приватни компании. Филипче тврди дека македонски банки давале поповолни каматни стапки од тие кои земјава ги доби од Унгарија.
-Тоа значи кога некој граѓанин би отишол да купи стан или кола, го земе кредитот, и станот или колата му стигнат следната година. Тоа нема никаква домаќинска логика. Не знам зошто премиерот и владата се однесуваат вака недомаќински со ресурсите на државата и со парите на граѓаните. Зошто не беа премиерот и владата фер да кажат дека каматата нема да биде само 3,25%, туку многу повеќе, а сега во овој временски период и значајно е повеќе тоа што реално може да се најдат пари на пазарот и преку комерцијалните банки,- Венко Филипче – претседател на СДСМ.
Со критики за предлог-буџетот се огласија и од ДУИ. Главните забелешки на опозиционерите се за јавниот долг, буџетскиот дефицит, како и намалувањето на средствата во некои сектори..
»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.
You must be logged in to post a comment.