Новак Ѓоковиќ ја продолжува доминацијата на Вимблдон и со победата во денешното финале над Ник Кирјос во четири сета со 4:6,6:3,6:4,7:6 го крена шампионскиот пехар на последните четири изданија на најпрестижниот тениски турнир.
Ова е седми триумф на Ѓоковиќ на Вимблдон, со што се израмни по бројот на триумфи со неговиот идол Пит Сампрас, додека Рожер Федерер има еден триумф повеќе.
Ова воедно беше 21 гренд слем титула за Ѓоковиќ и повторно му се приближи на Рафаел Надал кој има 22 триумфи на најголемите тениски турнири, додека му избеда на Федерер кој остана на 20. Ѓоковиќ доминира во последните четири изданија на Вимблдон, пред Кирјос во финалињата губеа и Кевин Андерсон (2018), Рожер Федерер (2019) и Матео Беретини (2021).
Србинот во финалето беше подобар од Ник Кирјос кој конечно блесна на најголемите турнири и за прв пат играше во финале на гренд слем турнир.
Австралиецот се закани, но откако Ѓоковиќ го пронајде својот ритам, успеа да направи пресврт и на крајот да го крене шампионскиот пехар.
Мечот започна со сигурен сервис на двајцата тенисери, Ѓоковиќ во првиот гем му дозволи два поени на Кирјос, а Австралиецот возврати со иста мерка во вториот гем. Потоа следеа посигурни сервиси за 2:2, по што во петтиот гем првиот удар го зададе Кирјос.
Австралиецот одлично ретернираше и играше од основната линија и дојде до 15:40 и брејк топки. Ја искористи втората и поведе со 2:3, а потоа со нула потврди брејкот. Сигурен беше и во следните два гема на свој сервис, со тоа што во десеттиот гем ја искористи втората сет топка за 4:6.
На Ѓоковиќ веќе му стана традиција на Вимблдон, по загубен прв сет, да одигра одлично во вториот, па така беше и во финалето. Во четвртиот гем со нула направи брејк и поведе со 3:1 и предноста ја задржа до крајот за 6:3 и израмнување 1:1 во сетови. Во деветтиот гем тој уште еднаш го покажа шампионскиот карактер бидејќи успеа да се врати од 0:40, да спаси три брејк топки, потоа уште уште една и на крајот да го освои гемот.
И во третиот сет имаше само еден брејк и тој го направи Ѓоковиќ и тоа во деветтиот гем за 5:4 и на свој сервис го потврди брејкот и поведе со 2:1 во сетови.
Во четвртиот сет, и Кирјос и Ѓоковиќ сервираа најдобро дотогаш во мечот, гемовите завршуваа експресно, а најблиску до брејк беше Ѓоковиќ во петтиот гем кога освои само два поени на сервис на противникот. Со таква игра, очекувано беше сетот да замине во тај-брејкот.
Тај-брејкот започна со двојна сервис грешка на Кирјос, но и Ѓоковиќ греши на свој сервис за 2:1. Сепак, Србинот веднаш го натера Кирјос да погреши, ги загуби двата сервиси по ред и Ѓоковиќ поведе со 4:1 која не ја испушти и со 7:3 славеше во четвртиот сет, што воедно значеше и 21 гренд слем титула во кариерата и седма на Вимблдон.
Доколку во меѓувреме не се променат одлуките, Новак Ѓоковиќ нема да настапи на УС Опен бидејќи владата на САД не дозволува влез во земјата за странски државјани што не се вакциниран против коронавирус.
»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.