
Живот
Култура
„Танец“ — aнсамбл за народни игри и песни на Македонија, основан во 1949 година. Со своето долгогодишно постоење, „Танец“ е симбол на македонската култура и уметност, и претставува најважниот презентер на македонското фолклорно творештво.„Танец“ вечерва со концерт го одбележа седум деценискиот јубилеј.
Вечерва во Националната опера и балет беше претставен дел од богата стара ризница што „Танец“ ја чува од основањето на 24 март 1949 година.
Историјата на „Танец“ започнала во 1949 година, со одредбата на македонската влада за основање на Државниот aнсамбл за народни игри и песни на Народна Република Македонија.
Одредбата била издадена на 3 март 1949, а била објавена во „Службен весник на Македонија“ на 4 април 1949 година. Танец“ е име кое со децении е симбол на македонската култура и уметност, амбасадор и презентер на македонското фолклорно творештво на сите континенти на земјината топка.

Покрај негувањето на фолклорното творештво, народните обичаи, игри, песни и носии, преку успешните кореографски постановки, „Танец“ ги преточува во колорит и префинет израз на играње, пеење и презентирање на убавите оригинални носии изработени пред повеќе децении, кои представуваат амблем на македонската култура.
Од посебно значење е првото претставување надвор од Македонија, поточно на меѓународниот фестивал во Ланголен, Англија во 1950 год. и добивањето на првата награда, што е историски настан за Ансамблот, но и за македонската култура. Всушност, овој настан е потврда за ансамблот во успешното презентирање на македонското фолклорно богатство.
Ансамблот има настапено на над 3.500 концерти, фестивали и други културни приредби, со над осум милиони посетители. За успешноста на „Танец“ зборуваат големиот број награди, дипломи, благодарници и признанија добивани по разни поводи, концерти и сл., меѓу кои и наградите: „11 Октомври“, „Климент Охридски“ и „13 Ноември“.
Како доказ на уметничкиот квалитет на играњето, пеењето, музиката и колоритот на носиите се големиот број позитивни критики, афирмативните написи и статии од врвни стручњаци од областа на фолклорот, во разни списанија, радио и телевизиски емисии и слично, од кои дел пренесуваме во оваа Монографија.

Во овие изминати децении со програмите се опфатени голем број народни ора, песни и обичаи од повеќе краишта на Македонија меѓу кои и „Тешкото“, како симбол на македонското оро: „Невестинско“, „Комитско“, „Чифте“, „Калајџиско“, „Тресеница“, „Осоговка“, „Драчевка“ и други.
Никој не останува рамнодушен кога настапува „Танец“. Уште при првиот звук од зурлата, уште на првиот удар од тапанот и при првиот чекор на ороводецот ни заигруваат срцата, ни затреперува телото. Не само нам, туку и на сите нашинци во дијаспората и на сите луѓе во светот.
Затоа треба да сме им благодарни на сите генерации, членови на „Танец“, кои успеаја да го одржат континуитетот на чување на високите вредности што цели седум децении го прават горд нашиот народ, истакна претседателот на Владата, Зоран Заев.
Директорот Мартин Вучиќ рече дека „Танец“ го задржува стандардот што го поставил уште на првото меѓународно претставување под кој, како што рече, не ни е дозволено да одиме.
-Ние, сегашните, и идните генерации, мора да бидеме во чекор со тие високи критериуми и цврсто да го одржуваме тоа врвно ниво и претпазливо да го надградуваме со нови пристапи и обликувања беа притоа да го осквернавиме, рече Вучиќ.

На 16 декември 2014 година, во салата на Македонската опера и балет, „Танец“ го изведол завршниот годишен концерт, под наслов „Танец низ времето“.
На 4 март 2015 година, во Македонската опера и балет бил одржан хуманитарен концерт на „Танец“, наменет за помош на поплавените подрачја во Македонија. На програмата биле ората „Жетварка“, „Сретсело“, „Преспански игри“, „Малешевка“, како и оркестарските изведби „Шапкарево-касапско оро“, „Мерак тамбура оро“ и „Моминско оро“.
Како солисти настапиле: Марјан Стојановски, Сузана Спасовска, Билјана Јосифова и пејачки групи на „Танец.
»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.
You must be logged in to post a comment.