Кривичен суд

Објавил: Калина Мартинска | 19 март, 2025 19:10

Седуммина полицајци одат во притвор, се осомничени за тешки дела против општата сигурност

Фото/Текст извор: ©magazin.mk

Седум полициски службеници од СВР Штип и ПС Кочани се осомничени за тешки дела против општата сигурност,и за нив судот го прифати барањето на Обвинителството за 30-дневен притвор .

Седум полициски службеници од Кочани и Штип се уапсени во врска со пожарот во импровизираната дискотека во Кочани. Осомничени се за тешки дела против општата сигурност, како соизвршители изготвиле, потпишале и одобриле позитивна согласност, со што овозможиле дискотеката Пулс во Кочани да се стекне со лиценца за вршење угостителска дејност иако објектот не ги исполнувал законските услови за работа.

„Осомничените сите заедно предизвикале значителна опасност за животот и телото на луѓето, овозможувајќи кабарето да работи во супстандардни услови при што на 16.03.2025 година во објектот настанал пожар во кој починале 59, а 196 се здобиле со тешки телесни повреди.“

Според министерот за внатрешни Панче Тошковски,четворица инспектори и началници од Штип констатирале дека кабарето ги исполнува законските услови во делот на заштита на јавен ред и мир и во делот на сообраќај, без проверки го одобриле и потпишале известувањето до Министерството за економија. Началникот и заменик командирот од полициската станица во Кочани ја потпишале телеграмата околу согласноста за кабарето иако во и близина на кабарето имало пријавени нарушувања на јавен ред и мир и пријавени кривични дела. Со последните приведувања се зголеми и бројот на лица кои се поврзуваат со трагедијата во Кочани.

„19 со лицето од економија и седумте началници и полициски службеници од МВР, тоа се вкупно 26, но ова не е затворање на списокот на осомничени. Заради тоа што огромна документација се разгледува поврзана со кривично правниот настан, огромен број на луѓе се вклучени, како од обвинителството за организиран криминал, државното обвинителство и други истражни тимови во рамки на МВР, оддел за организиран криминал, крим полиција итн.. Списокот нема да биде затворен.“

На останатите кои досега беа приведени и им е определен 48 часовен притвор, оваа мерка се продолжува на барање на обвинителството пред формалното отворање на истрагата. Најголем дек од нив се приведени под сомнеж за сторено кривично дело тешки дела против општата сигурност. Меѓу досега е обезбедените е и екс министерот за економија Крешник Бектеши.

„Штом ќе биде поднесена кривична пријава од страна на министерството, јавноста ќе биде запознаена за кое конкретно кривично дело се гони (ако биде поднесена таква кривична пријава) лицето за кое го поставивте прашањето. Лично мене ако ме прашате, согласно она што јас можев да го увидам од досега собраните докази коишто како информација се споделени со мене, сметам дека треба да биде истото кривично дело како и сите останати.“

Осомничените началници и командири од Штип и Кочани беа спроведени во скопскиот Кривичен суд кој им определи притвор од 30 дена на барање на обвинителството.

„Се прифаќа предлогот на ОЈО и на сите седум осомничени, им се определува мерка притвор во траење од 30 дена заради постоење на основите од член 165 став 1 точки 1, 2 и точка 3 кај одредени осомничени, односно опасност од бегство, околности кои укажуваат дека ќе ја попречат истрагата со влијание врз сведоци и околности кои укажуваат дека може да го повторат делото“, се наведува во соопштението од Кривичен.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести