Мнозинството советници на денешната седница на Советот на Општина Битола го поддржаа предлогот на советникот на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата Михајло Вангелов како дополнување на Дневниот ред да биде ставена точката во битолските основни и средни училишта задолжително секој понеделник да започнува наставата со интонирање на химната на Република Македонија.
Државната химна „Денес над Македонија се раѓа“ ќе се интонира секој понеделник во основните и средните училишта во Битола, како и на почетокот на секоја седница во општинскиот Совет.
Советникот на ВМРО-ДПМНЕ Вангелов рече дека со оваа иницијатива младите ќе изразат искрена почит и ќе се подигне националното чувство кон татковината.
-Предлагам утврдување на обврската во сите основни и средни училишта во Општина Битола за задолжително интонирање на химната на Република Македонија секој понеделник за почеток на работната недела. Со оваа иницијатива децата ќе изразат искрена почит кон татковината се со една цел да го подигнеме националното чувство и љубовта на децата кон својата земја Република Македонија, но, истовремено ќе ги охрабриме да учат за македонската култура и традиција-рече на денешната седница на Битолскиот Совет, Михајло Вангелов од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата.
Тој предложи уште една точка за дополнување на Дневниот ред на седницата да биде утврдување обврска на Советот на Општина Битола за задолжително интонирање на химната на Република Македонија, пред почетокот на седниците на Битолскиот Совет.
„Со ова децата ќе изразат искрена почит кон таковината со една цел да се подигне националното чувство и љубовта на учениците кон својата земја, Република Македонија, но и ќе ги охрабриме да учат за македонската култура и традиција“, рече Вангелов.
За ваквиот предлог на советникот на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, Михајло Вангелов поддршка дадоа 30 советници, а против беше само советничката на ДУИ Мерита Исмаили.
Во Општина Аеродром од октомври минатата година во основните училишта се пее македонската химна
Со интонирање на државната химна, секој понеделник ќе започнува наставата во сите основни училишта на територијата на Општина Аеродром. Ваква информација и видео од денешното интонирање на химната на својата фејсбук страна објави тогаш градоначалникот Тимчо Муцунски.
„Станува збор за иницијатива преку која изразуваме искрена почит кон татковината и со која имаме цел да го подигнеме националното чувство и љубовта на дечињата кон Македонија, но и ќе ги охрабриме да учат за македонската култура и традиција“, напиша Муцунски во својата фејсбук објава во октомври лани.
»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.
You must be logged in to post a comment.