Нови законски решенија

Објавил: Калина Мартинска | 7 февруари, 2025 18:07

Се заоструваат казните во сообраќајот – санкционирањето ќе биде ригорозно

Фото/Текст извор: ©magazin.mk

Покрај парична казна за „безобѕирно возење“ да има и казна затвор, одземање на возилата, тестови за дрога на лице место, автоматско евидентирање на нерегистрираните возила, поврзување на системите на МВР, судовите и обвинителствата за брзи санкции.

Ова се дел од планираните законски измени за зголемување на безбедноста во сообраќајот, кои според министерот Тошковски ќе дадат голем ефект. На собраниската јавна расправа на оваа тема, потенцира дека мора да се вклучи алармот поради фрапантните статистики – во изминатите три години околу 400 лица го изгубиле животот во сообраќајки, од кои 142 изминатата 2024 година.

„ Мора да го ревидираме членот 297а од КЗ кој се однесува на безобѕирно возење и наместо алтернативно да се изрекува парична казна, истата кумулативно да се изрекува со казната затвор. Исто така размислуваме за воведување на задолжителна мерка одземање на возило при најтешки случаи на безобѕирно возење. Во подготовка сме и за набава на тестови за дрога. Срамота е во 21 век едно барање на пример за лична адреса за одреден осомничен од МВР преку судот, напред назад, да патува 6 месеци. “

Поразителни се и бројките на евидентирани прекршоци.. Само минатата година биле регистрирани 19 илјади возачи кои воопшто немале положено за возачка дозвола. Според првиот човек на МВР за промените треба да се залагаат сите граѓани, а не да се чека само на институциите.

„ Ајде да се запрашаме колкумина од нас свесно седнуваат зад волан после испиени неколку чашки алкохол? Колкумина возат побрзо од дозволеното? Колкумина даваат на гас кога ќе светне жолто светло на семафорот? Колкумина од нас во улога на пешаци не поминуваме на пешачки, туку таму кадешто ни е најблиску? Колку татковци гордо се фалат дека нивните синови научиле да возт автомобил уште пред да положат возачки испит? Колкумина од нас кога ќе направат прекршок прво бараат пријател којшто ке ја среди казната? “

За да се елиминира неказнивоста и селективната правда, институциите имаат големи очекувања од активирање на камерите во сообраќајот од проектот „безбедна држава“. Министерот за правда Филков истакна дека треба да има и проширување на листата на кривични дела, додека пак професорите по казнено право и безбедност велат дека клучно е да се синхронизираат законите за да нема двојна примена.

„ Казнената политика ни е релативно блага. Или најчесто се изрекуваат парични казни, условни осуди, а затворските казни во најголем дел се до шест месеци, една до две години. Во последниве седум години имаме само две затворски казни над 10 години за извршени сообраќајни кривични дела со смртни последици. “

„ Потребни се брзи измени на Законот за јавните патишта кадешто ќе се овозможи на овие големи булевари, на помалите ги има, да се воведат некои од моделите за смирување на сообраќајот. Смирен сообраќај е пракса која постои насекаде во Европа. “

Јавната расправа за нотирање на сообраќајните проблеми и казнената политика се одржа на иницијатива на владејачката коалиција ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и ЗНАМ, по случајот со младата Фросина која беше прегазена на Партизанска на 29-ти јануари.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.