Во изумирање

Објавил: Калина Мартинска | 6 јули, 2024 15:18

Се помал е бројот на изработувачи на народни инструменти во Македонија

Фото/Текст извор: ©magazin.mk

Ако државата и нејзините надлежни институции продолжат да не покажуваат интерес за да ги заштитат ретките изработувачи на народни музички инструменти како пасионирани чувари на нашето национално културно богатство, Македонија ризикува да ги загуби овие уметници со вродена дарба, предупредуваат етно-музиколозите.

Станува збор за едвај десетина „мајстори“ на овој занает кои покрај својот талент, „мајсторството“ го наследуваат од своите татковци, дедовци, прадедовци, а добар дел од нив веќе се и „во години“.

„Ќе бидам искрен и ќе кажам дека воопшто не се занимаваат. Кога треба да се прикаже нешто како наше, тогаш ние го кажуваме како наше, меѓутоа многу малку од страна на државата се презема институционална поддршка, меѓутоа тоа подразбира и финансиска и материјална поддршка, најпрвин на оние што ги изработуваат инструментите, бидејќи тоа се луѓе кои се навистина талентирани, кои навистина од едно парче дрво изработуваат инструмент кој потоа има музичка функција и e носител на една традиција со години и векови. Инструментот има долгорочна употреба, со правилна заштита“, – вели проф. д-р Горанчо Ангелов, етно-музиколог.

Загрижени заради ваквата состојба и стравувајќи дека со таквата негрижа може да исчезне ова наше исклучително важно културно наследство, кое не е фабрикувано, ами се’ уште се одржува со рачно производство, етно-музиколозите во иднина најавуваат поголема гласност, но и очекуваат дека новата власт, за разлика од доскорешната, ќе има многу повеќе слух за оваа проблематика.

„Да се најде начин овие луѓе, особено оние што ги изработуваат инструментите и оние што свират, да се згрижат во некоја институција, да имаат стимулација зошто би го правеле тоа. А државата, како држава не може да произведува изработувачи на инструменти и инструменталисти, бидејќи сепак тоа се луѓе кои што во својот ген си го носат тој талент за изработка, за свирење и за музицирање“, – посочува проф. д-р Ангелов.

Според неофицијалните податоците, освен што неколкумина веќе починале, од дестината останати изработувачи на народни инструменти, повеќето се во седмата и осмата деценија од животот, а само еден е на возраст од 23 години.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.