Потпишување на Кодексот за фер и демократски избори за Изборите за пратеници

Објавил: Калина Мартинска | 17 април, 2024 8:51

Се потпишува нов Кодекс – ќе се повтори ли праксата со претходниот?

Фото/Текст извор: ©magazin.mk

Претставници на подносителите на листи за кандидати за пратеници во Собранието денеска напладне во Кристалната сала на законодавниот дом, ќе потпишат Кодексот за фер и демократски избори.

На претстојните парламентарни избори ќе настапат Коалицијата за европска иднина предводена од СДСМ, Коалицијата „Твоја Македонија“ на ВМРО-ДПМНЕ, Коалиција Храбро за Македонија предводена од ГРОМ, Коалиција Европски фронт на ДУИ, политичката партија Левица, Коалицијата од албанскиот опозициски блок „Вреди“, политичката партија Движење ЗНАМ – За наша Македонија, Единствена Македонија, Нова алтернатива Скопје, АВАЈА, Европско граѓанско движење, Македонска ера трета/Македонски независни листи – Суверенисти, Твоја партија, Родина Македонија, Десна, Демократи Скопје и Работничка партија.

24 април и 8 мај неработни денови, нема да се одработуваат

24 април и 8 мај ќе бидат неработни денови, одлучи Владата вчера на 16. седница. Овие денови ќе бидат неработни за сите граѓани на Република Северна Македонија, заради непречено спроведување на изборите за Претседател и за пратеници во Собранието. Овие два неработни дена нема да се одработуваат, стои во соопштението од Владата.

Во тек кампањата за претседателските избори, утре официјално почнува кампањата за парламентарните избори

Ноќеска на полноќ, пак, заврши рокот за пријавување на болни и изнемоштени за гласање на претседателските избори на 24 април. Од утре до 22 април на полноќ кампањите за претседателските избори и за парламентарните избори се преклопуваат, а кампањата за парламентарние избори ќе се одвива и за време на молкот за претседателските избори.

Караваните на претседателските кандидати продолжуваат и денеска

Кандидатката за претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова, ќе ја презентира програмата пред граѓаните во Чашка, Свети Николе и Велес.

Кандидатот за претседател на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски, ќе одржи средби со граѓани во Чучер-Сандево, Бутел, Чаир и во Гази Баба.

Кандидатот за претседател на државата од коалицијата ВРЕДИ, Арбен Таравари ќе ја презентира програмата пред граѓаните во Општина Липково.

Кандидатот за претседател од ГРОМ, коалиција „Храбро за Македонија“ Стевчо Јакимовски во Струга, во Охрид и во Битола ќе одржи средба со граѓани.

Синоќа претседателскиот кандидат поддржан од СДСМ Стево Пендаровски беше во Велес.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.