Дел од населението во Албанија на пописот се изјаснија како Бугари откако имаше интензивни активности од Бугарија. Ова е ставот на директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски кој смета дека тоа не е пропуст на Албанија. Вели дека сепак попис може да се повтори.
Во моментов актуелни се резултатите од пописот во Албанија и според нив бројот на попишани Бугари е околу 8 илјади, за разлика од Македонци кои се околу 2 300. Ако се земат предвид резултатите од претходниот попис во 2011 година имало околу 5 500 Македонци можно ли е да настанат такви промени во периодот меѓу двата пописа во Албанија?
Секаде во светот во земјите во кои се прибира податок за етничката припадност овој податок мора да биде израз на слободна волја на тој кој што го дава податокот. И тврдам бидејќи бев во тек со сите подготовки на пописот во Албанија дека тоа не е дозволено, освен во некои инцидентни случаи ако се случат во кои се реагира и би се реагирало. Значи тоа е реална состојба на изјаснување на овие луѓе. Во овој случај не можеме да ја обвиниме институцијата Институт за статистика на Албанија.
Вие разговаравте со вашите колеги за она што се случуваше?
Ние постојано бевме во контакт и тие не го очекуваа ова. Макар што јас на некој начин го очекував. Проблем беше друго. Што во тој период пред пописот кога се најави, имаше многу интензивна, како да кажам многу јака активност на бугарската држава да агитираат, купуваат, даваат можности за државјанство кои за жал од економски причини, а пред се поради желбата да се оди надвор од државата и да се има пасош кој нема да прави проблеми, многу луѓе го прифатија тој предизвик. Меѓутоа не можеме ние да ја обвиниме државата Албанија за тоа. Можеби можеме да ја обвиниме за тоа што дозволила таков притисок. Но, тоа е веќе политика и јас не би можел да се мешам во тој дел.
Сепак дали се работи за еден вид инженеринг?
Да се разбереме, тоа се случуваше и овде. И во државава многу луѓе за време на пописот кои имаат бугарски државјанства, барем според моите информации од поединци дека ако не се пријават на пописот како Бугари ќе им го прекинат државјанството. Иако ниту една држава во светот, ви тврдам нема право да даде таков податок, никако.
Здруженијата на Македонци бараат да се повтори целата операција. Возможно ли е ова да се случи, баш поради тоа што не веруваат во добиените податоци?
Ако се сеќавате добро ние го повторивме пописот во 1991 година, имавме уште еден попис во 94 – та година бидејќи во претходниот поголемиот дел од албанската популација го бојкотираше. Тогаш немавме можности како сега што имаме преку регистри да ги прибереме тие податоци и го повторивме. Меѓутоа сега тоа е одлука на албанската Влада.
Тоа значи дека Албанија доколку сака го повтори, бидејќи од друга страна и таа би требало да има интерес да ја има реалната слика?
Знаете но тоа се прескапи операции. Но она што сум сигурен и не можам да ги обвинам моите колеги во Албанија дека по правилата, методолошките решенија, сите стандарди кои се ставен а ги знам сите до еден, дека некој од нив влијаел на податоците. Тоа сепак е исклучително лично изјаснување. Вие не можете некого со сила да го натерате, ама чекајте до сега немало Бугари и не смеете да се изјасните така.
»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.
You must be logged in to post a comment.