
Македонија
Вести
Листите на чекање за операции се зголемуваат, а хирурзите во скопскиот клинички центар и натаму оперираат со помош на надворешни компресори, кои требаше да бидат привремено решение.
Откако пропадна тендерот за изградба на нова компресорска станица, од Службата за општи и заеднички работи велат дека чекаат насоки од Министерството за здравство и Владата за како да ја продолжат постапката.
Три фирми го посетиле клиничкиот центар, но ниту една не доставила понуда на тендерот.
Проценетата вредност на постапката беше 18.644.068 денари без ДДВ. Во тендерската документација беше предвидена задолжителна посета на локација заради важноста на самата набавка за здравјето и безбедноста на пациентите. Посета на локација побараа три економски оператори на кои им беше овозможена посета. За нас од непознати причини до денот на отворање не е пристигната ниту една понуда. Заради напред наведеното денес од страна на Јавната Установа од областа на здравството донесена е Одлука за поништување на постапката, известени се Министерството за здравство и Владата на РСМ и побарани се натамошни насоки за постапување, велат од Служба за општи и заеднички работи.
Од министерството за здравство пак велат дека најверојатно ќе се оди на втор обид за нов тендер, а прашањето повторно ќе биде отворено и на владина седница, но тоа ќе значи и прологнирање на роковите за целосно ставање во функција на сите сали.
Претходната техничка влада поради сериозноста на проблемот одлучи да ја задолжи службата за општи и заеднички работи да достави оперативен план за нова компресорска станица, кој предвидуваше дека до крајот на годинава ќе се инсталира и монтира сосема нов компресорски систем. Според проценките тоа ќе чини близу половина милион евра.
Проблемот со операционите сали настана уште кон крајот на мај, кога почнала да се чувствува невообичаена миризба, поради што хирурзите не сакајќи да ризикуваат ги стопираа операциите. Дел од салите се вратени во функција со помош на надворешни компресори, но и натаму се оперира со намален интензитет.
»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.
You must be logged in to post a comment.