Претседателката

Објавил: Калина Мартинска | 16 јуни, 2024 15:08

Сиљановска-Давкова: Компромисите со меѓународното право и принципи можат да го компромитираат европскиот и светскиот мир

Фото/Текст извор: ©magazin.mk

Македонија и во иднина ќе поддржува слободна, независна, демократска и суверена Украина – порача претседателката Гордана Сиљановска Давкова на пленарната сесија на Самитот за мир во Украина.

Во обраќањето претседателката оцени дека тековната војна во Украина нè засега сите бидејќи земјата е изложена на огромно човечко страдање и уништување, безбедносната архитектура на Европа е под закана, а на глобално ниво животите на милиони луѓе се засегнати од тешките економски последици.

„Како суверена нација, само Украина може да одлучи за својата иднина. Од Украина зависи кога и како ќе ја ангажира Русија за евентуално усогласено решение. Праведниот мир мора да биде вкоренет во принципите на Повелбата на ОН за суверенитет и територијален интегритет. Обидот на Русија да стекне територија со сила е флагрантно кршење на овие основни начела. Кога опасните преседани остануваат неоспорени, тие можат да се претворат во толерирани практики. Компромисите со меѓународното право и принципи можат да го компромитираат европскиот, па дури и светскиот мир и безбедноста. Единствениот начин да се избегне ова е да се почитува Повелбата на ОН и принципите на меѓународното право, без исклучок“, рече претседателката Сиљановска Давкова, истакнувајќи дека воздржувањето од употреба на сила, почитувањето на суверенитетот, територијалниот интегритет и неповредливоста на границите, и заштитата на човековите права и основните слободи, се цврсти принципи за кои не може да се преговара.
Војната во Украина не е украински, туку европски и светски проблем рече пред почетокот на сесијата претседателката Сиљановска Давкова.

„Уште еден доказ дека она што се случува, односно војната, нè засега сите и дека сите треба да помогнеме за да се најде соломонско решение, тоа значи, праведно решение за Украина, решение што ќе гарантира постојан мир, јас велам Кантов вечен мир. Еднаш мислам дека е крајно време, наместо да велиме никогаш повеќе и повторно да се соочуваме со војна, да се потсетиме на ноторниот факт дека Европската заедница настана како мировен проект и дека Европската Унија, но и сите држави во светот, имаат обврска да го чуваат мирот“, изјави претседателката Сиљановска Давкова.

Сиљановска Давкова на Самитот остварила куси но многу значајни средби со потпретседателката на Соединетите Американски Држави, Камала Харис, со германскиот канцелар Олаф Шолц, францускиот претседател Емануел Макрон, претседателката на Швајцарската Конфедерација, Виола Амхерд, но и со грчкиот премиер Киријакос Мицотакис.

На средбата со Харис, претседателката се заблагодарила за континуираната поддршка на САД како наш стратешки партнер и нагласила дека очекува натамошно зајакнување на билатералните односи помеѓу Вашингтон и Скопје.

Инаку, дводневниот состанок за мир во Украина во швајцарското одморалиште Бургеншток на езерото Луцерн се организира по иницијатива на украинскиот претседател Володимир Зеленски. Делегации нема од Русија и Кина, која доби покана но не испрати свој претставник.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Политика