
Македонија
Вести
Потребна е забрзана европска интеграција, е пораката која денеска на средба во претседателскиот кабинет и ја пренела претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на американската амбасадорка Анџела Агелер, посочувајќи дека пристапниот процес за членство во Европската Унија мора да биде мериторно врзан и, како што рече претседателката, не смее да трпи политички притисоци од страна на други земји членки.
Како што информираат од кабинетот на Сиљановска-Давкова, на средбата било разговарано за можностите на соработката меѓу двете земји, за македонските евроинтеграции, како и за потенцијалите кои ги нуди Стратешкиот дијалог за конкретизирање на билатералната соработка меѓу двете земји.
Претседателката се заблагодари за севкупната поддршка од САД, велат во соопштението од нејзниот кабинет, и ја истакнала подготвеноста за натамошно продлабочување на македонско-америкнаското пријателство и меѓусебна поддршка во насока, како што посочила претседателката, на реализирање на македонските надворешно-политички цели.
„Како стабилен партнер и докажан сојузник на САД во НАТО Алијансата остануваме фокусирани на заедничките определби за безбедност, слобода и демократски просперитет, со активно учество во заедничките активности во борбата против тероризмот и другите закани врз мирот во светот“, посочила Сиљановска-Давкова.
На средбата, како што велат од претседателскиот кабинет, Сиљановска-Давкова ја потенцира улогата и поддршката од САД во интензивирање на реформските процеси, како и дека земјата и понатаму останува посветена, како што посочила, на спроведување на реформите во владеењето на правотот, борбата против корупцијата и реформите во безбедносниот сектор, како едни од напите највисоки приоритети.
„Двете соговорнички разменија мислења за исходот од Самитот за мир во Украина, за влијанијата и безбедносните случувања во регионот, како и за политиките во интерес на гарантирање на мирот, стабилноста и просперитетот на поширокиот регион“, се вели во соопштението од претседателскиот кабинет.
»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.
You must be logged in to post a comment.