Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска во Вила Билјана во Охрид се сретна со македонскиот атлетичар на средни и долги патеки, маратонецот Дарио Ивановски, којшто утре ќе се натпреварува на 8. издание на Атлетскиот викенд „Охрид трчаТ“.
Претседателката Сиљановска Давкова упати честитки до најдобриот македонски атлетичар, Дарио Ивановски и неговиот тренер, мајорот Игор Јакимовски за пласманот на Летните oлимписки игри во Париз оваа година.
Ивановски ја запозна претседателката со текот на подготовките за настапот на олимпијадата во Париз.
Претседателката порача дека успесите на македонските спортисти претставуваат голема гордост за целата држава и неопходно е да се грижиме за нашите најуспешни репрезентативци на секое поле. Таа, истакнувајќи дека спортот и физичката култура се едни од најважните фактори за здравјето на нацијата, за внатрешна кохезија и надворешна промоција на државата, му посака на Ивановски многу успех на Олимписките игри, како и во натамошната кариера.
Ивановски е еден од најдобрите балкански атлетичари со голем број на македонски и балкански рекорди и засега е единствениот македонски спортист кој е со потврден настап на Летните олимписки игри.
Ивановски беше првиот потврден учесник од Македонија на Игрите во Париз, кои ќе се одржуваат од 26 јули до 11 август.
Маратонецот Дарио Ивановски уште еднаш испиша историја на македонскиот спорт откако стана првиот атлетичар кој остварил норма за Олимписки игри. Ивановски, кој на 15 мај ќе наполни 27 години, ќе трча на претстојната Олимпијада во Париз благодарение на својот пласман на светската ранг-листа, на која се наоѓа на 78. место.
Ивановски има трчано бројни атлетски дистанци во кариерата, а дебито на маратонските патеки го имаше на Скопскиот маратон во 2020, на кој следната година и победи. Во меѓувреме, тој продолжи да ги подобрува своите времиња, па во последните години неколкупати го подобруваше државниот рекорд во маратон, што во моментов изнесува два часа, осум минути и 26 секунди, остварено во Севилја во февруари.
»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.
You must be logged in to post a comment.