Средба

Објавил: Калина Мартинска | 13 ноември, 2024 10:12

Сиљановска и Радев разговараа за подобрување на односите меѓу Бугарија и Македонија

Фото/Текст извор: ©magazin.mk

Претседателката, Гордана Сиљановска Давкова, и претседателот на Бугарија, Румен Радев, се сретнаа во Баку, Азербејџан, каде размениле мислења за унапредување на односите меѓу двете соседни земји.

Радев истакнал дека двете страни можат да постават „тон на соработка, разбирање и меѓусебно почитување“ и дека пријателските односи се од клучна важност за стабилноста на регионот.

Сиљановска се согласила со неговите ставови, изразувајќи уверување дека заедно можат да го подобрат дијалогот и соработката.

Тие го нагласиле значењето на културните врски помеѓу двата народи, поврзувајќи го успехот на македонските и бугарските оперски пејачи како пример за меѓусебно разбирање.

Сиљановска истакнала дека последната посета на Бугарија била успешна и дека слични иницијативи треба да има и во иднина.

Во контекст на продлабочување на билатералната соработка, Сиљановска му понудила на Радев официјална посета на Македонија, истакнувајќи дека „вратите во Скопје се отворени“ и дека се надева на идни разговори кои ќе придонесат за зајакнување на односите меѓу двата народа.

Средбата се одржала на маргините на Самитот за климатски промени во Баку, каде учествуваат бројни светски лидери.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.