ЗОО

Објавил: Калина Мартинска | 9 ноември, 2024 16:20

Скопската Зоолошка Градина од денеска повторно отворена за посетители

Фото/Текст извор: ©magazin.mk

По 21 ден откако беше затворена поради регистирано присуство на птичји грип Зоолошката градина денеска повторно ги отвори вратите за посетителите.

Сончевото време ја наполни зоо Скопје, а најбројни и денеска беа најмладите. Граѓаните велат дека дошле без страв и се чувствуваат безбедно.

Агенцијата за храна и ветеринарство утврди дека Зоолошката не постапила според законските процедури за пријавување на зараза, по што на терен беа хумано убиени 24 птици. Од таму пак обвинуваа за незаконски упад и масакр врз птиците, што го сметаат за незаконска акција без соодветни докази. Вработените во Зоолошката сега велат дека по затворањето ги имаат испочитувано сите протоколи и дека периодот го искористиле за целосна дезинфекција на местото.

„После тој настан ние бевме затворени 21 ден. Ги испочитувавме сите протоколи кои ни беа наложени, нели 21 ден. За тоа време ја средивме зоо се дезинфицира комплетно. Можете да видите дека има посета внатре е полно луѓето се осеќаат безбедни се е во најдобар ред“, изјави Марија Дојчиновска Зоо негователка.

Сите кои побараа да се тестираат дали се заразени со птичји грип, добија негативни резултати. На почетокот беа тестирани двајца, а дополнително, направени беа и епидемиолошки анкети на 16 луѓе.

„Скопската зоолошка беше затворена за посетители пред три недели откако беше потврден случај на птичји грип. Беше спроведен надзор и хумано убивање на 24 патки, шест гуски, пет кокошки и една чавка“.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.