Илјада години одбележува денеска еден од најстарите манастири во земјава, Бигорскиот манастир, основан во далечната 1020 година од првиот Охридски Архиепископ Јован Дебранин.
Одбележувањето на милениумски јубилеј „1000 години Бигорски манастир“ ќе започне со Божествена архијерејска Литургија, со којашто ќе чиноначалствува Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан, во сослужение со своите собраќа од Светиот Синод на МПЦ-ОА, .
По завршетокот на Литургијата, со пригодно слово кон присутните, освен Архиепископот г. г. Стефан, ќе се обрати и покровителот на прославата, Претседателот на државата Стево Пендаровски.
Илјадагодишното наследство во коешто се слева текот на богослужбениот и аскетско-исихастичкиот живот, го направиле ова место плодотворна почва за обожение, Едемска градина за духовно наситување и за успокојување, прибежиште на душите изморени и обременети од гревот и светот.
Во текот на десетте изминати столетија, Бигорски заблескал подобно на Горнатата одаја во Ерусалим, и во него секојдневно се слуша шумот на Педесетницата; оваа благословена падина на Бистра се открила како нова Таворска Гора, каде што преку зраците на Таворската светлина се преобразиле и осветиле многу души; реката Радика, пак, се покажала како некој нов Јордан, каде што непрестајно одекнува Претечевиот повик за покајание: Покајте се, зашто се приближи Царството Небесно – повик којшто силно одекнувал во нејзината клисура со векови, и оттаму се ширел како ехо низ нашите градови и села.
»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.
You must be logged in to post a comment.