И дел од скијачките центри

Објавил: Калина Мартинска | 11 ноември, 2024 9:41

Снег порано од очекуваното – побелени повеќе градови во Македонија

Фото/Текст извор: ©magazin.mk

Првата мала снежна покривка утринава е забележана на Водно. Од камерите поставени на Водно од страна на Јавното сообраќајно претпријатије „Скопје“ се забележува дека на врвот има снежна покривка, но и магла.

Утринава со мала снежна покривка се дел и од зимските туристички центри.

Здружението за промоција на македонски ски-центри, „Ски Македонија“ на својот јутјуб-канал има снимка во живо од Пониква и од Попова Шапка, на која може да се погледне состојбата во овие ски-центри.

 

Утрово под снежна покривка е и пијанечко-малешевскиот регион. Најизразена е на повисоките места. Во градот Делчево и околните села снежната покривка е минимална, додека врнежи од снег утрово има и во општините Македонска Каменица, Берово и Пехчево.

Во моментот во делчевско најмногу снег има наврнато на планината Голак, во селото Тработивиште, како и на подрачјето на селото Ѕвегор во близина на граничниот премин кон Република Бугарија.

Наноси од снег утринава се причина што на патниот правец Кратово – Пробиштип има забрана за движење на тешки моторни возила.

Како што информираат од Автомото сојузот на Македонија (АМСМ) забрана е воведена во 7 часот.

Од АМСМ велат дека сообраќајот на останатите државни патишта се одвива непречено, по претежно влажни коловози.

Од Јавното претпријатие „Македонија пат“ велат дека на одредени патни правци кои поминуват низ клисури и усеци можна е појава на поситни одрони.

Оттаму апелираат на внимателно управување со возилата, почитување на поставената сообраќајна сигнализација како и прилагодување на брзината спрема условите на патот.

Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Наместа ќе има услови за повремен слаб дожд, а на повисоките планини и особено од вечерните часови со услови за појава на повремен снег.

Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. До четврток ќе владее променливо облачно и постудено време, со повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини, особено во ноќта кон вторник, ќе има услови за појава на повремен снег. Во петок се очекува разведрување, и покачување на дневната температурата за неколку степени.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.