На гласањето не присуствуваа пратениците од опозициските ВМРО-ДПМНЕ, Левица, Алијанса за Албанците и Алтернатива.

Објавил: Рејхан Бајрами | 21 декември, 2020 5:52

Собранието го усвои Буџетот за 2021 година: Вмро-Дпмне ја напушти салата, останаа празни столчиња

Фото/Текст извор: ©магазин.мк

Со 62 гласа „ЗА“ Собранието пред доцна вечерва го донесе буџетот за наредната 2021 година. Собраниската сала  ја напуштија пратениците од опозицијата и од македонскиот и албанскиот блок уште пред гласањето.

На гласањето не присуствуваа пратениците од опозициските ВМРО-ДПМНЕ, Левица, Алијанса за Албанците и Алтернатива.

Вкупните приходи на Буџетот се планирани на ниво од 212,6 милијарди денари кои се за 8,3 отсто повисоки во однос на вториот Ребаланс 2020 година, додека расходите се планирани на ниво од 247,5 милијарди денари или за 2,1% пониско во однос на вториот Ребаланс 2020 година. Проектираниот дефицит за 2021 година е 34,9 милијарди денари, од кој отплата по основ на главница на надворешен долг е во износ од 37,2 милијарди денари и отплата на домашен долг во износ од 6,1 милијарди денари кои ќе се финансираат преку задолжување во странство и на домашниот пазар на државни хартии од вредност.

Отплатата на главница по основ на надворешен долг го вклучува редовното сервисирање на обврските по надворешниот долг, додека отплатата на домашен долг ги опфаќа: отплати на државни обврзници во износ од 4,7 милијарди денари и отплата на структурни обврзници во износ од 1,4 милијарди денари.

Пратеникот од редовите на СДСМ, Коста Костадинов вели дека партијата успеала да го донесе буџетот за 2021 година и покрај притисоците на опозициската Вмро-Дпмне!

Драги мои сограѓани, со многу притисоци од опозициската вмро дпмне, со толку многу зла мисла од нивна страна, дури и закани во комисиска расправа по нашите животи, успеавме да го донесеме буџетот за 2021 година.

Ви благодарам за трпението, вредеше!

⭕️ Обезбедуваме средства за полесно справување со Ковид-19 вирусот.

⭕️Обезбедуваме финансиска поддршка за над 700.000 граѓани.

⭕️Ставаме акцент на зачувување на животната средина

⭕️Ги поддржуваме општините.

Ви благодарам мои струмичани, вие сте мојата сила и трпение да ги издржам и овие работи кои за многу мислат дека се неиздржливи.

Успеавме!

пс. Ако се прашувате каде беа пратениците на ВМРО ДПМНЕ, ќе ви кажам.

Излегоа како кукавици, не можеа да ги поднесат успесите, не можеа да стојат исправено пред фактите.

На крајот, вие ќе им судите на избори и убеден сум дека ќе ги казнете.
Да се земаат народни пари, а да не се оправда тоа барем со присуство, е ужасно, напиша Костадинов!

Координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески ги обвини пратениците од опозицијата дека со напуштањето на пленарната сала покажале дека сакаат да ја остават државата без буџет!

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.