ОЈО

Објавил: Калина Мартинска | 16 јануари, 2025 11:11

Со фиктивни вработени украл 1 милион денари – Ексдиректор на ЈКП „Гази Баба“ обвинет за проневера

Фото/Текст извор: ©magazin.mk

Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинителен акт против поранешниот в.д. директор на ЈКП „Гази Баба – 2007“ за кривично дело „Проневера во службата“, согласно член 354 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик. Обвинетиот се товари дека во текот на 2021 година, преку фиктивно ангажирање на седум лица, прибавил незаконска имотна корист во износ од 880.516 денари.

Според обвинението, обвинетиот во својство на службено лице, склучил договори за ангажирање на невработени лица за јавни работи, заведени под ист деловоден број и потпишани само од негова страна. Наводно ангажираните работници, за кои водел евидентни листови, не ја извршувале предвидената работа, а на одредени датуми за кои им бил исплатен хонорар се наоѓале надвор од државата.

„На тој начин, обвинетиот со своето дејствие го оштетил јавното претпријатие за значителна сума, додека фиктивно ангажираните лица примиле средства без да ги извршат предвидените обврски“, информираат од обвинителството.

Во обвинението се предлагаат и мерки на претпазливост, вклучувајќи забрана за напуштање на живеалиштето, редовно јавување кај надлежни служби и привремено одземање на патната исправа, со цел обезбедување на присуство на обвинетиот во понатамошната постапка.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести