Извештај

Објавил: Калина Мартинска | 3 септември, 2024 12:00

Спогодбата на Георгиев и Мемети со Обвинителството, „најматни“ настани за август според „Транспаренси“

Фото/Текст извор: ©magazin.mk

Како дел од проектот „Бистро-матно“ за редовни месечни и годишни анкети за корупција, „Транспаренси интернешнл – Македонија“, ги објави настаните кои беа актуелни во август.

Како дел од „матните“ настани во месец август предничи спогодбата на врховниот судија Наќе Георгиев со Обвинителството.

„Врховниот судија Наќе Георгиев се спогоди со Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во врска со случајот за земање мито од синот на ексградончалникот на Ново Село, Боро Стојчев и прифати да му биде изречена казна затвор во траење од три години, како и Забрана за вршење професија, дејност или должност на службено лице во период од три години. Во истиот случај, спогодба со Обвинителството склучи и членот на Советот на јавни обвинители Иџет Мемети, кој доби една година затвор условно и истата Забрана за вршење професија, дејност или должност на службено лице во период од три години“, наведуваат од Траспаренси.

Како втор „најматен“ настан за јули е и уште една спогодба со Обвинителството, овој пат на поранешниот народен правобранител и член на советот на јавни обвинители Иџет Мемети.

„Иџет Мемети признал вина за примање награда за противзаконито влијание и се спогодил со Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција за условна казна. Мемети доби и забрана за вршење на дејноста во наредните три години. Тој до Собранието поднел неотповиклива оставка како член на Советот на јавни обвинители“.

Како трет „матен“ настан за август е реакцијата на Платформата на граѓански организации за борба против корупција која бара да се врати во функција порталот „Отворени финансии“.

„Платформата на граѓански организации за борба против корупција остро го осудува оневозможениот пристап на јавноста до информациите од Трезорот и бара итно да се врати во функција порталот „Отворени финансии“. Платформата бара од Министерството за финансии да се овозможи непречен пристап, континуирано и навремено ажурирање на податоците на порталот „Отворени финансии“ и нивна достапност во отворен формат, како што и беше досегашната практика. Порталот „Отворени финансии“ на кој се објавуваат податоците за реализација на трансакции на сите буџетски корисници на Буџетот на Република Северна Македонија, последен пат е ажуриран на 17.6.2024 година. Согласно преземените обврски во рамки на Партнерството за отворена власт и досегашната пракса, податоците на порталот се ажурираат два пати во текот на месецот, што значи дека повеќе од два месеци порталот не ја извршува својата функција“, се вели во соопштението на Транспаренси.

Исто така како дел од „матните“ настани е прекинот на работење на сервисот што го нудеше Тајм.мк каде што можеа да се следат сите склучени договори, односно тендерите што ги склучуваат државните и јавни институции.

„Бирото за јавни набавки го укина бидејќи наводно им се оптоварувал сајтот. Како што вели основачот на Тајм.мк, Игор Трајковски, причината е што од Бирото за јавни набавки сметале дека „таквиот пристап го оптоварувал сајтот и не им дозволувал нормално користење на регистрираните корисници“. Биле упатени податоците да ги симнуваат рачно, или да ги пренасочуваат заинтересираните корисници на нивниот сајт“.

„Транспаренси“ како петти и последен матен настан за август го вметнаа и недоставување на информации на 826 институции меѓу кои и 10 министерства до Државната комисија за спречување на корупција.

„Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) се соочува со сериозни предизвици во одржувањето на транспарентноста и отчетноста во изборниот процес за 2024 година. Во својот најнов извештај, ДКСК алармира дека поради правни празнини во законската регулатива, Комисијата не може да покрене прекршочни постапки против оние кои не ги доставуваат потребните податоци. Она што е најзагрижувачко е фактот дека дури 826 институции не ги доставиле потребните информации, меѓу кои и 10 министерства. Ова укажува на сериозен недостаток на транспарентност и може да се интерпретира како обид за прикривање на потенцијални неправилности. Изборниот законик, исто така, е предмет на критика во извештајот. ДКСК укажува на слабости во правната и административната рамка, кои создаваат ризици за корупција“.

Во „бистри“ случаи „Транспаренски интернешнл – Македонија“ ги наведува кривичната пријава за злоупотреба на службена положба на в.д. директорот на ЈКП „Гази Баба“, приведувањето на возач на автобус од Тетово поради нудење поткуп и новата онлајн платформа за борба против корупција во процесот на урбанистичко планирање.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.