Вила Водно

Објавил: Калина Мартинска | 13 јуни, 2024 14:24

Средба на претседателката Сиљановска Давкова со претседателот на Црна Гора и претседавачот на БиХ

Фото/Текст извор: ©magazin.mk

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска во Вила Водно во пресрет на одржувањето на Самитот на шефови на држави и влади на учесниците во Процесот за соработка во Југоисточна Европа, оствари средба со претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ.

На средбата двајцата соговорници ги потврдија пријателските односи меѓу двете земји и изразија подготвеност за натамошно унапредување на севкупните билатерални односи.

Во разговорот беше нагласена неопходноста од продолжување на меѓусебната поддршка и соработка во насока на исполнување на заедничките стратешки определби за членство во Европската Унија и беше изразена подготвеност за продлабочување на регионалната соработка со цел одржување на стабилноста и економскиот напредок на земјите од регионот.

Претседателката Сиљановска Давкова посочи дека евроинтеграцијата на државите од регионот е од суштинско значење за стабилноста и развојот и во таа насока е потребна јасна перспектива за приклучување кон ЕУ, доследно вреднување на копенхагенските критериуми и нивна кредибилна имплементација.

На средбата беше изразена подготвеност за натамошно продолжување на политичко-безбедносната соработка и партнерството во рамките на НАТО и беа разменети мислења за актуелните политички и безбедносни случувања во регионот и во Европа.

Сиљановска Давкова на средба со претседавачот на Претседателството на БиХ

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, денеска во Вила Водно, во пресрет на одржувањето на Самитот на шефови на држави и влади на учесниците во Процесот за соработка во Југоисточна Европа, оствари средба со претседавачот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Денис Беќировиќ.

На средбата беа разменети мислења за севкупните билатерални односи, за актуелните состојби и европската перспектива на двете земји, како и за безбедносните и политички аспекти во регионот.

Двајцата соговорници ги потврдија заложбите за целосна интеграција во Европската Унија и изразија подготвеност за размена на искуства, меѓусебна помош и поддршка во реформските процеси.

На средбата беше посочена важноста од натамошно унапредување на меѓународната и соработката во регионалните иницијативи, со цел интензивирање на евроинтеграциите и справување со предизвиците на регионално ниво.

Соговорниците ја потврдија взаемната заложба за натамошно интензивирање на соработката во сите области од заеднички интерес и ја посочија потребата од подобрување на инфраструктурното поврзување.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.