
Спорт
Фудбал
Фудбалската гордост Вардар денеска слави 72 години постоење. 72 години симбол на Скопје, на Македонија.
Како и речиси и секоја голема приказна, така и онаа за Вардар има скромен почеток. Како фузија од два клуба Македонија и Победа во таа 1947 година во киното „Вардар“ во Скопје, се создаде клубот кој што подоцна ќе даде многу за фудбалот во поранешната држава Југославија, а потоа и во Македонија.
Многу генерации со гордост го носеа дресот на Вардар. Идејата за силен тим од Скопје почна да се создава веднаш, и првиот успех ќе дојде во сезоната 1960/61 година кога Вардар ќе се закити со тогашниот Куп на Југославија. Долгогодишниот сон на сите „црвено-црните“ ќе се исполни на 40 годишниот јубилеј, кога таканаречената „златна Вардарова генерација“ ја освои титулата во поранешна Југославија и со тоа ќе биде направен најголемиот успех во историјата во поранешната држава.
Вардар продолжува со освојувањето на титулите и на почетокот на осамостојувањето на Република Македонија со три шампионски пехари по ред.
Токму на 70-годишниот јубилеј Вардар го приреди најубавиот јубилеј, испишувајќи успех со златни букви во историјата на клубот. Тимот ќе стигне до групната фаза од едно европско клупско натпреварување, нешто за кое многумина сонуваа, се надеваа, се бореа. Вардар во групите стигна елиминирајќи го Фенербахче, а потоа како дел од второто по ред најдобро европско натпреварување беше заедно со Зенит, Реал Сосиедад и Розенборг.
Книгата на историјата на „црвено-црните“ стигна до 72 страница, а еден од најубавите подароци Вардар го доби пред две години кога во Скопје се изгради преубав тренинг камп кој што претставува влог за иднината и кој што ќе донесе развој на клубот, гордост на сегашните и на идните генерации. Се направи и прекрасна фудбалска Академија која што ќе извади идни генерации кои ќе го носат „црвено-црниот“ дрес.
Страниците на клупската историја и натаму продолжуваат да се испишуваат, на радост на секој Вардарец, на радост на секој Скопјанец. Сонуваме и се надевам дека еден ден ќе дојде и пласманот во групната фаза од Лигата на шампионите, пласман со кој уште повеќе ќе се потполни успешната книга наречена „Вардар“.
Среќен роденден Вардаре!
Извор ФК.ВАРДАР
»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.
You must be logged in to post a comment.