Протест

Објавил: Калина Мартинска | 26 мај, 2024 21:32

Струмица утре ќе биде блокирaна од производителите на домат

Фото/Текст извор: ©magazin.mk

Расте револтот кај производителите на домати во струмичко. Веќе втор ден со протести и блокади бараат повисока откупна цена за македонскиот домат, кој во моментот достигна катастрофална цена од 20 до 25 денари за килограм.

Денеска со трактори и друга земјоделска механизација го блокираа локалниот пат од Струмица до Пиперево, село кое важи за најголем производител на домати во државата.

„Никој не мисли за нас. Немаме ни мајка ни татко, оставени сме така, како сирачиња. Оваа цена воопшто не ни одговара. Пред половина век, доматите беа со цена од 20 до 25денари, кога репроматрејалите беа евтини. А сега ем скапи репроматрејали, ем ниски откупни цени„ реагира земјоделецот Васе Соколов.

Иако немаме влада, државата има институции кои треба да се грижат за земјоделците, реагираат тие. За решавање на проблемот со откупната цена, дадоа рок од два дена, во спротивно за во понеделник најавија масовен протест и блокирање на Струмица.

„Во рок од два дена ако не се реши проблемот, ќе ја блокираме Струмица. Бараме рентабилна цена од 35 денари за килограм и да се блокира албанскиот домат, односно увозот„ изјави земјоделецот Христијан Спасов.

Производителите на раноградинарски производи, поддршка добија и од Националната мрежа на земјоделци, од каде побараа да се стави ред во увозот на домати, посебно на оној од Албанија .

„Оние трговци кои дивеат со цените го злоупотребуват трудот на земјоделците мора да се стават под контрола, а истовремено и неконтролираниот увоз од надвор„ рече Ѓорги Каракашев, претседател на Националната мрежа на земјоделци.

Изминативе неколку денови земјоделците од струмичко организираа серија протести. Претходно протестираа и производителите на компир од селата Иловица и Штука. Сите имт исти барања, повисока откупна цена за нивните производи, пренесува Алфа тв.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.