Од денеска граѓаните на Струмица и шест населени места со вода за пиење ќе се снабдуваат преку 25 апарати поставени во сите училишта и детски градинки, а се обезбедени и 25 канистри со вода за пиење кои 24 часа ќе бидат распоредени низ улиците на градот, соопштија синоќа од струмичкото комунално претпријатие.
Канистрите за вода за пиење 24 часа ќе бидат поставени кај Градската болница, резервоарот на „Свети Петнаесет“, Амфитеатарот во Градскиот парк, улица „24 Октомври“ (поранешна дирекција на „Комуналец“), булевар „Климент Охридски“ (Дирекција на „Комуналец“), а по два часа во текот на денот ќе има поставени канистри на повеќе локации во градот.
Во шесте населени места – Дабиле, Градско Балдовци, Водоча, Просениково, Баницаи Добрејци вода за пиење ќе има од 7 до 19 часот.
Од „Комуналец“ информираат дека на сите места квалитетот на водата за пиење во секој канистер редовно ќе се контролира од акредитираната лабораторија на Центарот за јавно здравје – Струмица.
Веќе петти ден е забрането да се користи водата за пиење од градската водоводна мрежа во Струмица. Водата може да се користи единствено како техничка.
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) донесе решение со кое ја забрани употребата на водата во Струмичкиот регион поради зголемено присуство на манган и колиформни бактерии.
Ова следува откако Агенцијата добила известување на струмичкото јавно претпријатие „Комуналец“ и Центарот за јавно здравје – Струмица дека по извршените лабораториски тестирања било утврдено оти водата во струмичкиот водоснабдителен систем не е безбедна за употреба.
На јавното претпријатие, како што соопштија од АХВ, наложено му е да го информира месното население да не ја користи за пиење водата од градскиот водовод и да обезбеди пивка вода за граѓаните, сè до обезбедување безбедна вода во градскиот водоснабдителен систем.
Според локалните власти, главен проблем за оваа ситуација е квалитетот на техничката вода што од браната „Турија“ се испорачува до фабриката што ја прочистува. Резултатите покажале присуство на манган повеќе од дозволеното.
Градоначалникот на Струмица денеска објави дека додека не се реши проблемот предложил до менаџментот на „Комуналец“ да се намали цената на водата од 33,9 на 7, 75 денари по метар кубен.
»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.
You must be logged in to post a comment.