Од утре четири јавни дебати

Објавил: Калина Мартинска | 14 ноември, 2024 20:05

Судскиот совет ќе се реформира

Фото/Текст извор: ©magazin.mk

Членови на судски, врховни судии и правни експерти утре на заедничка маса ќе бараат решенија за унапредување на работата на Судскиот совет.

Министерството за правда и работната група за измени и дополнувања на законот за судски ќе ги презентираат своите препораки, но мислења ќе бараат и од правната фела. Од правда велат, реформите во правосудството се клучни на патот за европска интеграција на државата.

Министерството за правда преку јавни дебати ќе прибира предлози за унапредување на работата на Судскиот совет. Групата експерти предводена од академикот Владо Камбовски кои работеа на измени и дополнувања на Законот за судски, утре на заедничка маса со правната фела ќе ги презентираат своите препораки. Ќе бара и дополнителни мислења, а консултациите предвидено е да траат до крајот на годинава.

„Овие реформи нема да бидат лесни, а еден од најголемите предизвици и најзначајна реформа се измените во Судскиот совет и Советот на јавни обвинители што од нас ќе зависи напредокот на патот кон ЕУ. Идејата не е предлозите да доаѓаат од наша страна. Идејата е да ја слушнеме целокупната експертска јавост за на крај да можеме да ги донесеме најдобрите заклучоци“, изјави Игор Филков, Министер за правда.

Дел од препораките за судски се преземени од извештајот на оценската мисија на ЕУ која неколку месеци ја анализираше работата на Судски. Предложи скратување на мандатот на членовите, заострување на критериумите за избор, прецизирање на постапките за дисциплинска одговорност на судиите.

Од правда велат дека реформите во правосудството се во согласност со развојната секторска стратегија за следните четири години. Консултациите за измени во законот за Судски пак се дел од проектот поддршка на ЕУ за владеење на правото.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.