Косовскиот претседател изјави дека добил поддршка од САД за размена на територии помеѓу Косово и Србија, медиумите во САД збунети од сензацијата која никој не ја објавил

Објавил: Мартин Попоски | 26 септември, 2018 15:53

Тачи: Добив американска поддршка за промена на границите

Фото/Текст извор: ©online/магазин.мк

Претседателот на Косово се пофали дека од страна на САД ја има поддршката за размена на територии.

Косовскиот претседател Хашим Тачи, кој ја предводи делегацијата на неговата земја на Генералното заседание на ОН во Њујорк, изјави дека од претставници на САД, со кои се сретнал, добил уверување дека Вашингтон го поддржува дијалогот што го води со неговиот српски колега Александар Вучиќ и ќе го почитува тоа што Приштина и Белград ќе го договорат.

Како што објави приштинската ТВ21, Тачи тврди дека на средбите со високи американски претставници му е потврдено дека САД ја прифаќаат и корекцијата на границите како дел од конечниот договор со Србија, доколку тоа се постигне.

САД потврдија јасно и официјално дека ја поддржуваат и декларираната заложбата дека во случај на постигнување конечно решение меѓу Косово и Србија кое подразбира меѓусебно признавање, тоа би вклучувало и демаркација, односно лесна корекција на границите меѓу државите Косово и Србија. – изјави Тачи, додавајќи дека тоа ќе го затвори еднаш и засекогаш прашањето и проблемот на омразата меѓу двете земји.

За разлика од изјавите за домашните медиуми, во официјалните соопштенија од средбите на Тачи во Њујорк, меѓу кои и со американскиот помошник државен секретар Вес Мичел, конгресменот Елиот Енгел, но и со претставници од други земји, воопшто не се споменува дека косовскиот претседател рекол нешто за “корекција на границите” или размена на териториите со Србија како можно решение за споровите меѓу двете држави.

Од друга страна косовскиот министер за надворешни работи Беџет пацоли изјави дека меѓу Србија и Косово не би требало ни да постои граница и оти “топката треба да се префрли на економско поле”.

Некогаш живеевме заедно и гледам тенденција дека и тие сакаат да живеат заедно. Наместо да правиме граници, треба да ликвидираме граници и да ги пуштиме луѓето да се движат слободно. – изјави Пацоли во Њујорк за ТВ Прва.

Тој е уверен дека решението е на друго место и дека “топката треба да се префрли на економско поле”.

Таму е решението – економска соработка, повеќе работни места, зголемен економски раст, подобар живот на населението, поквалитетно образование и повеќе производи на маса. Тоа треба, и ако има волја и од северна и јужна страна, тоа може да се постигне. – истакна Пацоли.

Тој смета дека решението на косовското прашање е и близу и далеку.

Многу сме далеку и многу сме близу. Се е во наши раце. Ако сакаме, можеме да бидеме многу поблиску, а ако не сакаме – тогаш сме далеку. – изјави косовскиот министер.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.