Мили мои, кога некоја војска победува, таа го истакнува и издигнува своето знаме во знак на радост и показ за својата победа. Израилскиот народ, во времето на Стариот Завет бил единствениот чувар на богооткриената вера, но многупати бил подложуван на испитанија поради својата похотливост, заради која и отпаѓал од вистината.

Објавил: Стојче Бушин | 27 септември, 2020 18:38

Тајната на Крстот е главната проповед на Црквата Христова

Фото/Текст извор: ©Магазин.мк

Слово на Неговото Преосвештенство, Епископот г. Партениј, игумен на Свештената Бигорска Обител, изговорено на Вечерната богослужба за празникот Крстовден, во храмот на Светиот Великомаченик Георгиј Победоносец во Рајчица, на 13/26 септември 2020 лето Господово!

Мили мои, кога некоја војска победува, таа го истакнува и издигнува своето знаме во знак на радост и показ за својата победа. Израилскиот народ, во времето на Стариот Завет бил единствениот чувар на богооткриената вера, но многупати бил подложуван на испитанија поради својата похотливост, заради која и отпаѓал од вистината.

Едно од неговите поголеми искушенија било Египетското ропство, кога Јакововите потомци биле принудени петстотини години да се мачат во туѓа земја. Но Бог го слушнал молитвениот плач на Својот народ и го избрал пророкот Мојсеј, еден од најголемите старозаветни праведници, за да го поведе Израилот кон земјата на нивните татковци, кон наследството на праотецот Авраам. Поткрепен со огромна сила одозгора, Мојсеј успеал да го изведе народот од Египет и после цели четириесет години талкање низ пустината, да го донесе до Ветената земја. Може да се каже дека тоа нивно долго патешествие било крстовоскресно, исполнето со многу искушенија и страданија, со кои Бог го оттргнувал од порочноста, го воспитувал, за да ги направи народ плодороден. Посебно е впечатливо последното дејствие што Мојсеј, кој веќе бил во длабока старост, го направил пред влегувањето на Евреите во Ханаан. Имено, кога војската на Исус Навин, ученикот и наследник Мојсеев, војувала против Амалик и неговиот народ, коишто ја имале запоседнато Ветената земја, Мојсеј застанал на врвот од планината, за да се моли. И додека неговите раце биле крстообразно подигнати, израилевата војска победувала. Но бидејќи стар и изнемоштен, тој не можел постојано да ги држи рацете во вид на крст, па затоа брат му Арон првосвештеникот и неговиот помошник Ор го поткрепувале од двете страни. На тој начин, Исус Навин успеал да ги победи Амаликијците, иако тие биле доста побројни. Значи, победиле не благодарение на силата на неговата војска, туку само поради молитвата на нивниот духовен татко Мојсеј. Со ова Бог како да сакал да му укаже на Израилот дека „може да се трудите и борите колку што сакате, и треба да се трудите, но попусто е сè ако ја немате силата одозгора, силата што доаѓа од победоносното знаеме – крстот“. Така, со ова чудо пророкот Мојсеј го предобразил Крстот Господов. Наскоро потоа завршил неговиот земен живот, а Евреите влегле во Ветената земја. Доколку човек се задлабочи во ова необично собитие ќе открие многу голема симболика. Имено, почетните букви од имињата на Мојсеевите придружници Арон и Ор се, всушност, првата и последната буква од грчкиот алфабет: Алфа и Омега – почеток и крај. Тоа се однесува на Месијата Христос, Кој е Алфа и Омега, Првиот и Последниот, Почетокот и Крајот! (Отрк. 22,13) Каква преубава праслика за крстот и за Распнатиот на него!

Уште за својот живот сенародниот водич Мојсеј го навестил доаѓањето на Пророк, несразмерно поголем од него самиот. Тој за себе смирено знаел дека е само предвесник на Оној Кој требало да дојде и да воспостави Нов Завет помеѓу Бога и синовите човечки. На ист начин како и него, Новиот Мојсеј, Христос Спасителот, после Своето обновувачко дејствување на Земјата, ги раширил Своите раце на Голгота и го издигнал Крстот како знаме за нашата победа. Затоа на овој ден го славиме и победоносно го издигнуваме тоа знаме. И токму затоа денешниот празникот се нарекува Воздвижение, т.е. издигнување на Чесниот Крст, а се прави во спомен на пронаоѓањето на ова „оружје на мирот и непобедливата победа“ од страна на царицата Елена, мајката на Светиот рамноапостолен цар Константин.

Гледано симболично, голема е, исто така и сличноста на постапката на Мојсеј во борбата против Амаликијците, со она што му се случило на царот Константин. Имено, кога благочестивиот император, кој во Христовата вера бил подучен од неговата особено побожна мајка Елена, се наоѓал во големо искушение, бидејќи требало да војува со многу побројниот непријател Максентиј, вечерта пред битката имал моќно видение. Тој на небото видел огромен блескав крст составен од ѕвезди и чул глас што му довикувал: „со овој знак победувај“. По оваа необична визија Свети Константин ѝ наредил на војската да го изобразат знакот на крстот и христограмот на своите штитови и бојни знамиња. Следниот ден војската на благоверниот цар извојувала блескава победа. Оваа победа била дополнителен мотив Константин да го востанови Христијанството како официјална вера на Римското царство. Потоа, тој на својата мајка, Светата царица Елена, ѝ испратил многу средства и војска, за да го пронајде Крстот Господов и да изгради велелепни храмови на светите места, што таа усрдно и богославно го направила. А Светиот рамноапостолен цар Константин создал големо христијанско Царство, ја изградил Царицата на сите градови – Константинопол и ја облагородил сета територија на неговото владение со прекрасни храмови Божји.

Преку крстот Господов, значи, Израилците влегле во Ветената земја, преку него, пак, царот Константин и Црквата Божја восторжествувале во вселената. Но, тоа не значело и крај на борбата, ниту за Израилот, ни за Црквата Христова. Свештената историја нè учи дека претстоеле многу искушенија, многу борби, многу крстови, а така ќе биде сè до следното доаѓање на Христа.

Сепак, сега ние знаеме дека Он еднаш дојде и се распна на Голгота, воскресна, ја победи смртта и повторно ни го отвори Царството Небесно. Како што преку крсното знамение на Мојсеј Евреите влегле во Ветената земја, така сега и ние, последувајќи го крстот, уште во овој живот влегуваме во Царството Небесно. После Голгота и Воскресението, искушенијата на Апостолите не се намалиле, напротив, тие се соочиле со уште поголеми страданија. Но, сега со јасна визија за Христовото Царство. Знаеле зошто страдаат и каде одат и доброволно го понеле својот крст. Доколку тие не се одрекле од себеси, од својот егоизам, доколку не Го положиле Христа над сè, нивната проповед за тајната на Крстот би останала празна; тие не ќе можеле да го освојат светот за Христа и да ја основаат Црквата Негова.

Исто било и во времето на Константин – крстот чудесно и величествено победил и се издигнал. Но после тоа, во царскиот град – кој, патем, до денес се наоѓа на распетие, а и на секаде во светот, се појавиле бројни и големи ереси. Повторно Црквата и нејзините последователи го понеле храбро крстот на страданијата и оделе по патот што го изодил Самиот Господ Христос, а тоа е крстовоскресниот. Всушност, целата историја на Црквата е крстовоскресна. Неслучајно првата паримија од Стариот Завет што вечерва ја прочитавме беше за горчливиот извор во Мера.

Библискиот пасус раскажува дека кога народот го преминал Црвеното Море и навлегол во пустината, тој три дена немал никаква вода за пиење, така што сите многу ожеднале. Најпосле нашле извор, но со горчлива вода. Веднаш почнале да роптаат против својот водач Мојсеј, кој, кроток и смирен, Му се помолил на Бога. Тогаш Господ му покажал дрво што Мојсеј го фрлил во водата и таа станала слатка за пиење (Исход 15,23-25). Овој настан симболично покажал дека преку дрвото крстно ќе дојде спасението, но и тоа дека секој лек е горчлив.

Така, колку и да е горчлив крстот, колку страданијата и да се тешки, тоа е и единствениот вистински пат за човекот. Крстот подразбира отсекување на страстите во нас, газење на стариот егоистичен човек, кој се распаѓа во лажни похоти и обновување на новиот човек во Христа. Целата проповед на Црквата е, всушност, оваа величествена тајна на Крстот. Таков е и Христовиот призив од него: постојано да се бориме со нашите страсти, да мислиме на другиот, да мислиме на секој човек во овој свет. Да го засакаме, пред сè, смирението и да ја сочуваме вистината и љубовта во Црквата. Зашто, гледате, и денес Црквата се наоѓа во не мали искушенија и притесненија од сите страни. Постојано слушаме секакви разногласија, осуди, клевети… Но да стоиме со вера и надеж исправени пред распнатиот на Крстот и воскреснат Господ, кој нема да нè остави.

Нека тајната на Крстот Господов восторжествува во нашите срца и Светиот и Чесен Крст нека нè пази сите!

Амин!

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Настани

Тие се бореа за слобода, еднаквост, за вистински независна и признаена држава од светот. Идеали кои со членството во НАТО и Европската Унија се постигнати на ниво кое било незамисливо порано.

Николовски со честитка за 23-ти октомври: Македонските револуционери се гордост и пример за нас!

Македонските револуционери се гордост и пример за нас, она што сме денес во голема...

Зимското сметање на времето почнува секој последен викенд во октомври и трае до последниот викенд во март следната година, кога повторно настапува летното сметање на времето.

Во недела почнува зимското сметање на времето

Летното сметање на времето во 2020 година се завршува на 25 октомври во 03 часот по полноќ,...

СМК изразува поддршка на Македонецот Ден Масин за избор за пратеник во Парламентот на Канада со уверување дека Масин недвосмислено ќе застане во одбрана на македонското име и идентитет.

ПОДДРШКА ЗА НОМИНАЦИЈАТА НА МАКЕДОНЕЦОТ ДЕН МАСИН ЗА ПРАТЕНИК ВО КАНАДСКИОТ ПАРЛАМЕНТ!

21 октомври 2020 година, Торонто, Канада – Светскиот Македонски Конгрес (СМК) апелира...