Ескалираат превирањата во ЛДП. Иницијативниот одбор за организирање вонреден конгрес за смена на раководството бара Вонредно собрание на партијата до крај на годината.
Претседателката на ЛДП Моника Зајкова, пак, вели дека се работи за политички непознати поединци разочарани дека ги губат државните привилегии, кои немаат никакво мнозинство во партијата.
Стотина луѓе од Иницијативниот одбор за свикување вонредно Собрание на партија денеска се собраа на состанок во Големата сала на Општина Кисела Вода. Велат дека претставуваат големо мнозинство од две третини од општинските организации.
„Наместо партијата да се подготвува за самостоен настап на претстојните локални избори, раководството на партијата бесрамно и без одлука на Собрание, се доближува до владејачката партијата само заради задоволување на лични интереси на поединци од потесното раководство, така што општинските организации се збунети дали ЛДП е опозиција или власт“, изјави Бобан Бојковски од Иницијативниот одбор.
Претседателката Моника Зајкова од партиското седиште одговори дека се работи за анонимни поединци загрижени од губењето на државните функции и исплашени од „одредени истраги“. Вели дека иницијаторите немаат никакво мнозинство и одработуваат за туѓи интереси. ЛДП во Собранието настапува самостојно, но рано е за одлука дали на локалните избори ќе одиме сами или во коалиција со некого, вели таа.
„Дали таму видовте лица кои во јавноста се истакнати либералдемократи. Има поединци од одредени општински организации, на одредени органи, но нема никако мнозинство со кое се манипулира јавноста. Мнозинството присутни, може да ги прашате и нив, беа дури и платени за да присуствуваат таму, па дури има и членови коишто немаат допирна точка со ЛДП или барем јас и Извршниот одбор не ги препознаваме“, изјави Зајкова.
Иницијаторите велат дека тешката криза и поделбите во партијата може да се решат само со Вонреден конгрес и смена на актуелното раководство. Ако не го свикаат тие, ќе го организираме сами. Зајкова вели дека има мандат уште две години и побара смирување на страстите.
»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.
You must be logged in to post a comment.